Skip to main content

Проекција на филмови од Манаки и изложба на фотографии „La Belle Epoque“ – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки во Македонскиот КИЦ во Софија

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 26 јуни (петок) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе бидат проектирани краткометражните филмови „Баба Деспина и Султанот“, „Исчекување“, „Селска свадба“, „Смртта во Битола“ и „Хуриет во Битола“, снимени од камерата на Манаки. Во истиот термин ќе биде отворена и изложбата на фотографии  „La  Belle  Epoque“ – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки од крајот на XIX и почетокот на XX век.

Презентирањето на делото на основоположниците на балканската фотографија и кинематографија во Софија е резултат од соработката на Македонскиот КИЦ во Софија со НУ Центар за култура – Битола и Културен и информативен центар – Битола.

Накратко за изложбата на фотографии  „La  Belle  Epoque“ – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки:

Милтон Манаки заедно со неговиот постар брат Јанаки Манаки ги поставил темелите на балканската фотографија и кинематографија, започнувајќи со дејност на крајот на XIX век. Сведоци на политичките премрежја на територија на географска Македонија во XX век, браќата Манаки покажале поширока културна визија и димензија во областа на фотографијата, надминувајќи го степенот на работата во ателје за комерцијалните потреби на граѓаните, типичен за нивните деловни современици од фотографскиот еснаф. Нивната дејност била предмет на многубројни студии од областа на културата, уметноста и историјата во Европа и светот. Најголем дел од нивното творештво денес се чува во Државниот архив – Одделение Битола (документација, фотографии и предмети).

Жанровски и тематски гледано фотографскиот опус на браќата Манаки е вистински сестран и полифон во смисла на опфаќањето различни наративи и заедници во богатата и густа мултикултурна балканска демографска структура. Најзастапени се поединечните и групните портрети, фотографии со опис на стопанска дејност, социјални слоеви, етнографски аспекти и од обичаи и секојдневен живот на население од различни етнички заедници.

На крајот на XIX-тиот, почетокот на XX-тиот век објективот на браќата Манаки ќе ги овековечи бурните времиња што ги живееше градот. Меѓу економската неизвесност, политичките пропаганди и влијанија, нестабилноста на Отоманската Империја, Битола ќе се најде на крстопат помеѓу несигурна, но и возбудлива иднина синтетизирајќи ги елементите на стариот свет и европскиот прогрес и благосостојба во новото време (La Belle Époque). Фотографскиот опус на Манакиевци ни дава исклучителна можност да ѕирнеме во секојдневието на битолчани, но и свечените пригоди што ги имало во овој сѐ уште значаен културно-трговски центар на Балканот.

Во врска со изложбата д-р Владимир Јаневски напиша:

„Крајот на XIX век, а особено почетокот на XX век за Битола била особено важна исто така и голема пресвртница во однос на модните достигнувања. Се напуштала старата традиционална облековна култура наречена ала турка и се заменувала со нова културна творевина наречена ала франга. Во таа голема модна пресвртница се појавува и нов занаетчиски еснаф френк терзии, најголем дел од новите занаетчии биле веќе добропознатите терзии срмаџии што ја изработувале старата носија ала турка. Поновата носија ала франга добила нов стилски изглед, нова форма и естетика. Се променил кројот, во голема мера материјалите, но исто така и позамантериските материјали. Мажите во целост ја прифатиле европската мода, во која биле носени црни панталони, фракови и полуфракови, бели кошули со гравати, а на главата се носеле шапки жирардо, бомбе, полуцилиндер и цилиндер. Женската носија имала по голем опус и облековни делови, но главно впечатлив бил дводелниот фустан со назив полка и фустан, како горни облеки се носеле: салта, серте, пелерина, џубе – полка. Во долниот дел од фустанот жените носеле здолништа наречени тафти што давале специфичен изглед на целокупниот естески изглед. Косата жените ја носеле на соодветен локален начин средена и фризирана, но посебно била модерна фризурата буфанто што се носела во тој период. Главата се покривала со шапки или поголеми капи наречени капели. Сите овие новини во модните случувања морале секогаш да бидат придружени со приказ на социјалната градска средина, но овековечувањето на истите морало да биде исто придружено со една нова технологија, а тоа е фотографијата. Во тој дел несомнено најголемо место заземаат браќата Јанаки и Милтон Манаки.“

Поврзани вести