
Доколку викендов се упатувате кон Халкидики, подгответе се за изменет режим во сообраќајот, кој може да донесе поголеми гужви од вообичаено.
Поради градежни работи на проектот за изградба на новиот надвозник од проектот Fly over, дел од обиколницата околу Солун ќе биде целосно затворен во двата правци, објавија грчките власти.
Ова се термините и правците на кои сообраќајот ќе биде во прекин:
- Западен правец (кон центарот на Солун) – целосно затворен од петок (26 јуни) од 23:00 часот до недела (28 јуни) до 23:00 часот.
- Источен правец (кон аеродромот и Халкидики) – целосно затворен во истиот период.
- Надвозник Пилеа – Панорама – затворен од сабота (27 јуни) од 05:00 часот до недела до 23:00 часот.
За време на блокадата, сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативни патишта кои минуваат низ самиот град Солун. Се очекуваат значителни метежи, особено во текот на викендот.
Од надлежните институции апелираат до возачите да планираат патувањето навреме, да користат алтернативни рути и да бидат трпеливи.
Работите на проектот Fly over, со кој целосно се реконструира сообраќајот околу Солун, започнаа во 2023 година, а предвидено е целосно да бидат готови следната пролет.

Македонски



