
ВМРО е многу повеќе од политичка партија, туку име што носи тежина, буди чувства и е создадено од историја, борба, жртва и љубов кон Македонија, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод 36-годишнината од формирањето на партијата.
„ВМРО е најголемиот македонски бренд. Бренд создаден од историја. Од борба. Од болка. Од жртва. Од верба и од љубов кон Македонија. ВМРО е идеја што трае“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека станува збор за идеја која поминала низ востанија, прогони, победи, порази, надежи и разочарувања, но останала жива и денес претставува основа за идните национални победи.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ денес има сила да биде одговор на предизвиците со кои се соочува државата, преку економски развој, функционални институции, услови за младите да останат во земјата и враќање на довербата кај граѓаните.
Во говорот, Мицкоски се осврна и на спорот со Бугарија, оценувајќи дека станува збор за наследен проблем кој произлегува од политиките на претходните влади.

Тој рече дека денес постојат две различни позиции околу ова прашање. Според него, СДСМ се залага за промена на Уставот и внесување на Бугарите без гаранции за националниот идентитет и без извесност за европската перспектива на државата, додека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е уставни измени да има само доколку постојат јасни гаранции за европскиот пат и дека тоа ќе биде последната отстапка од македонска страна.
„Изборот е едноставен и јасен“, рече Мицкоски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи решенија кои, според него, би биле штетни за државните интереси.
Во продолжение тој се осврна и на критиките поврзани со борбата против криминалот и корупцијата, нагласувајќи дека нема договори или соработки со политичките противници и дека правдата ќе стигне до сите кои сториле злоупотреби.
„Правда ќе има и таа ќе важи за сите“, порача Мицкоски.

Тој призна дека не е задоволен од брзината со која се движат одредени предмети во правосудниот систем, но нагласи дека тоа не значи дека одговорност нема да има.
„Од Струмица порачувам: криминалците треба да се плашат и ќе одговараат до последниот“, истакна Мицкоски.
Според него, државата била наследена со сериозни проблеми во институциите и високо ниво на корупција, но потенцираше дека никој нема да биде поштеден од одговорност и дека правдата ќе биде еднаква за сите.

Македонски





















































