
„Сега е многу јасно кога ќе се споменат избори, зошто толку многу од опозицијата се исплашени“, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на свеченоста по повод 36-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, која вечерва се одржа во Струмица.
Обраќајќи им се на присутните, Мицкоски праша дали се подготвени „да ја испратиме најсилната порака од Струмица кон цела Македонија“ и да покажат дека народот повторно верува, повторно се обединува и повторно гледа напред.
Тој истакна дека собирот не е само одбележување на јубилејот, туку и потврда дека идејата со која е формирана партијата пред 36 години денес е посилна од кога било.
„Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има енергија. Повторно има надеж. Повторно има визија. Повторно има народ кој верува во себе“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека од Струмица се испраќа јасна порака дека државата оди напред и дека треба дополнително да го забрза развојот.

Осврнувајќи се на очекувањата на граѓаните, Мицкоски рече дека е свесен оти има луѓе кои сметаат дека направеното досега е недоволно и дека може повеќе, но нагласи дека проблемите кои биле наследени се многу поголеми.
„Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни“, истакна тој, додавајќи дека и покрај бројните предизвици ќе продолжи вложувањето на енергија и жртва за заедничката иднина на граѓаните.
Во своето обраќање, Мицкоски посочи дека 36-годишнината претставува доказ дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да живее, расте и се развива и покрај сите предизвици низ годините.
Тој нагласи дека партијата поминала низ тешки моменти, порази, неправди и разочарувања, но секогаш успевала да излезе посилна благодарение на поддршката од народот.
„Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, кауза и татковина“, рече Мицкоски.
Според него, силата на партијата доаѓа од народот, а задачата останува борбата за вредностите во кои веруваат и за напредокот на државата.
„Се додека сме силни, обединети и правиме добро за државата, тогаш Македонија ќе има сила“, порача Мицкоски.

Македонски





















































