Skip to main content

Навивачите на Хајдук извикуваа: „Аушвиц, Аушвиц“, „Гази, гази, гази Евреи“, „Стани Адолфе“ и „Ајде, ајде усташи“

 Раководството на фудбалскиот клуб Хајдук од Сплит денеска се извини за однесувањето на дел од навивачите. Натпреварот беше прекинат во 77 минута бидејќи од запаленети пиротехнички средства не се гледаше теренот. По 12 минути, натпреварот продолжи, а Хајдук го победи Ајакс со 2:1, во првото коло од Конференциската лига.

– Хајдук секогаш стои зад своите навивачи, кои беа негова безрезервна поддршка и ветер на грб сите овие години. Навивачи кои му даваат крилја на тимот кога е најтешко. Но, кога се случуваат вакви ситуации, должни сме да им се извиниме на оние што дојдоа на стадионот да го бодрат тимот што се врати на европските натпреварувања по 16 години и на илјадниците од нив пред малите екрани кои беа сведоци на историската победа против Ајакс, се наведува во соопштението на фудбалскиот клуб од Сплит.

Но, во соопштението не е спомнато однесувањето на дел од навивачите, пред натпреварот, кои извикуваа антисемитски и усташки пароли. Тие извикуваа „Аушвиц, Аушвиц“, „Гази, гази, гази Евреи“, „Стани Адолфе“ и „Ајде, ајде усташи“.

Како што јавија хрватските медиуми, тие пееле и: „Потпалувам висока печка, два реда кокс, четири Евреи. Евреинот вреска ааа, ќе има печење, се радувам на тоа“.

На однесувањето на дел од членовите на Торцида реагираше и Амбасадата на Израел во Хрватска.

– Длабоко сме шокирани од сериозниот антисемитски инцидент што се случи вчера во Сплит и го осудуваме најостро. Ваквите инциденти мора недвосмислено и решително да бидат осудени од сите надлежни органи на сите нивоа. Длабоко сме благодарни на Владата на Република Хрватска и на специјалниот советник на премиерот за прашања поврзани со холокаустот, Сара Лустиг, за нивната брза реакција и јасна осуда на овој настан и сме уверени дека надлежните органи ќе дејствуваат брзо и решително по ова прашање, се наведува во соопштението на Израелската амбасада.

Тензиите почнаа уште во вторникот вечерта, кога од навивачи на Ајакс беше одземено оружје. Следната вечер во центарот на Сплит се судрија навивачите на Хајдук и на Ајакс, но полицијата спречи понатамошна ескалација, а над 50 лица беа приведени.

За инцидентите во Сплит објавија медиуми од Израел, Холандија, до Германија, Полска, Русија, како и балканските медиуми.

Најчитаниот израелски портал „Јнет“ (Ynet) објави текст под наслов „Аушвиц, Аушвиц: антисемитизам против ’еврејски клуб‘ и неговиот израелски играч“.

Додека весникот „Израел Хајом“ уште вчера пред натпреварот во Сплит, објави текст „Аушвиц, газете ги Евреите: Шокирачки антисемитизам против Оскар Глук“, израелскиот репрезентативец, кој настапува за Ајакс.

Двата израелски медиуми ја истакнуваат историската поврзаност на Ајакс со еврејската заедница во Амстредам.

Дел од навивачите на Ајакс со децении го користат името „Супер Евреи“ и еврејските симболи како дел од нивниот навивачки идентитет.

Фудбалскиот клуб Ајакс од Амстердам историски е поврзан со еврејската заедница. Во минатото, стадионите на Ајакс се наоѓале во делови на Амстердам населени првенствено се Евреи. Голем број Евреи од Амстердам биле навивачи и членови на Ајакс.

Холандскиот фудбалски портал „Еф-сиАпдејт“ (FCUpdate) објави текст со наслов „Скандалозно скандирање на натпреварот Хајдук Сплит – Ајакс“.

Навивачите на Хајдук Сплит се покажаа во најлоша светлина пред натпреварот од Конференциската лига против Ајакс, наведе холандскиот портал.

Полскиот спортски портал „Преглад спортови“ (Przegląd Sportowy) објави дека пред натпреварот помеѓу Хајдук и Ајакс во Конференциската лига во Сплит имало шокантни сцени.

– Хрватските навивачи го повторија грозоморниот гест од пред 31 година, поттикнувајќи насилство врз Евреите и извикувајќи антисемитски пароли, истакна полскиот спортски портал.

„Пораз и прекин поради пиротехника: Горчлива вечер за тер Штеген“, објави Германската новинска агенција (ДПА).

Сплитската полиција соопшти дека за време на поворката на Торцида забележала карактеристики на криминално однесување и дека спроведуваат кривична истрага за да ги утврдат околностите и да ги идентификуваат одговорните.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека е задоволен од победата на Хајдук, но ги осуди антисемитските пораки.

– Исклучително сум задоволен што Хајдук победи, но сум исклучително незадоволен од сè друго. Овие пораки не можат да се толкуваат на друг начин освен како пораки на антисемитизам. Тоа го осудувам најостро. Очекувам полицијата да анализира кој ги извикувал тие слогани и да поднесе обвиненија. Истото го очекувам и од судовите, наведе Пленковиќ.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ го осуди однесувањето на некои навивачи на Хајдук.

– Однесувањето на некои навивачи на Торцида во Сплит е неприфатливо, срамно и за осуда. Извиците и постапките со кои отворено се слави нацистичкиот и усташкиот режим бараат итна и систематска реакција од хрватската полиција, државното обвинителство и на крајот од судовите. Ги повикувам сите надлежни институции да ја сфатат истрагата за овој срамен настан исклучително сериозно за да не се повтори нешто вакво. Зборовите на осуда што ги слушаме од Владата повеќе не се доволни, неопходни се мерки и санкции што ќе покажат дека во Хрватска нема место за величање на нацизмот и усташите. Навивачите кои го сакаат и почитуваат својот фудбалски клуб не смеат да бидат заложници на малцинството кое ги срами не само Торцида и Хајдук, туку и Хрватска, посочи Милановиќ.

На вчерашните нацистички и антисемитски извици реагираше и Хрватскиот полициски синдикат, потенцирајќи оти е време безбедноста на граѓаните и угледот на земјата да се постави над хулиганите.

– Хрватскиот полициски синдикат со години предупредува за штетните последици од хулиганското однесување на некои навивачки групи. Од напади врз полицијата на автопатиштата, а со тоа и загрозување на сите учесници во сообраќајот, до вчерашните неприфатливи скандирања, некои навивачи континуирано предизвикуваат инциденти што имаат долгорочни последици, соопшти Синдикатот.

Поради инцидентите на улиците на Сплит и нарушувањата на самиот натпревар, кој беше прекинат во второто полувреме поради употреба на пиротехниката Хајдук се соочува со исклучително ригорозни казни од европската фудбалска организација УЕФА. 

Поврзани вести