Skip to main content

Мицкоски: Наследивме распадната држава, со трули институции, метастазирани во корупција и криминал, правдата е слепа, не и недостижна

ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија.
ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство. Име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот македонски бренд. Бренд создаден од историја. Од борба. Од болка, Од жртва. Од верба и од љубов кон Македонија. ВМРО е идеја што трае- нагласи во својот говор, премиерот Христијан Мицкоски на роденденот на ВМРО ДПМНЕ.

Идеја што поминала низ востанија, прогони, победи, порази, надежи и разочарувања.
И сепак останала жива.
За да ги предводи следните национални победи! Затоа што нејзината суштина е едноставна и силна.
Македонија да биде своја, да биде горда.
Македонија да биде почитувана.
Во таа идеја има корен, но има и иднина.
Има традиција, но има и широчина.
Има патриотизам, но има и програма.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ денес има сила да биде најдобриот одговор за предизвиците пред Македонија: за економија што расте, за институции што служат, за млади што остануваат, за држава што создава и за народ што верува.
Тоа е нашата обврска.
Да ја чуваме идејата, да ја шириме.
Да ја претвораме во дела.
Затоа што ВМРО не е само дел од македонската историја.
ВМРО е причината затоа што Македонија има иднина- нагласи Мицкоски.

Тој се осврна на отворените прашања на земјава.

Браќа и сестри,
Едно од прашањата каде што имаме голема, но и јасна разлика е отвореното прашање со Бугарија. Сакам да подвлечам дека ова прашање за мене, како премиер, е наследен проблем. Корените на сето ова мора да се бараат во подготвеноста на моите претходници да прифатат сè што е напишано, мислејќи дека на тој начин ќе ја добијат наклонетоста од одредени фактори кои кај нас не гласаат на избори.
Сигурен сум дека нашиве им дале на бугарските политичари бел лист хартија со бланко-потпис, а тие си пишувале што ќе им текне. Денес, тој напишан бел лист хартија, токму поради ваквото однесување, ни стана главен услов и пречка за продолжување на европскиот пат.
Морам да кажам дека еден голем европски државник, во приватен разговор на оваа тема, ми рече: „Ние мислевме дека твојот претходник никогаш нема да го прифати ова што го имате за услов со Бугарија. Со чудење гледавме како се согласи на сето тоа што беше бугарско барање.“
И таа политика на попустливост, една сосема неприродна позиција за која било опозициска партија, продолжува и денес, со барања повторно да попуштиме пред бугарските барања. Го гледаме предводникот на опозицијата како излегува на прес-конференции и така лакомислено и лесно вели да прифатиме сè што бара Бугарија, без какви било гаранции за нашата иднина.
Она што ме поразува е признанието на еден европски дипломат дека навистина е вчудовиден што опозицијата кај нас е толку попустлива кон Бугарија, а згора на тоа и врши притисок Владата да не биде брана пред нерационалните политики на Софија. Кога ми го кажуваше ова, ме изеде жив срам и доживеав внатрешен пораз што како Македонци, јас и тие од опозицијата, паѓаме во очите на другите политичари, кои си поставувам прашање што ли мислат за нас, кога токму во овие моменти, без разлика на сите наши разлики, треба да покажеме единство за она што се суштински теми за нашето постоење. А наместо тоа гледаат раздор и ситнодушност.
Да посочам дека тој политичар кој ми коментираше за ваквата лоша слика на неединство е со грчко потекло. Денес гледаме и дека она барање за референдум за ЕУ, кое самите го дадоа, повеќе не го зборуваат. Затоа што знаат дека доколку се постави нивното прашање за тоа дали сте за прифаќање на бугарските барања без гаранција за европскиот пат, ќе им се случи историски дебакл.
Но, да не заобиколуваме и да ги кажеме работите многу јасно. На маса имаме избор меѓу две понуди.
Венко и СДС се за промена на Уставот и внес на Бугарите без гаранции за нашиот национален идентитет и без извесност за европскиот пат. Она пак што е наша заложба и понуда, на другиот дел од масата, се измени кои би се случиле само под услов да имаме гаранција за извесност на европскиот пат и дека ова ќе биде последната отстапка што ќе ја направиме, без понатамошно задирање и заглавување во прашања суштински важни за нашето постоење.
Изборот е едноставен и јасен.
И затоа им сметаме. И тие знаат дека последната брана за нови предавства е ВМРО-ДПМНЕ. И додека дишам, нема да донесам штетна одлука за мојот народ и нема сила, ниту пари на светот, кои ќе ме предизвикаат да донесам историски срам за нашата татковина, како што го правеа моите претходници.
Во оваа прилика сакам да кажам дека ги слушам и оние забелешки и примедби дека не се апси, дека се прогледува низ прсти и дека има некаков договор со нашите противници.
Сакам да биде јасно. Ние заедно со народот ги победивме, не за да ги земаме во Владата. Инаку, тие за нивната слабост и за тоа што се паднати треба да си погледнат во својот двор, а што се однесува до некакви договори под маса или соработки, треба да знаат дека пакт со нечесните ниту сега, ниту во иднина правам.
Тоа што правдата е спора, за што отворено кажувам дека и јас не сум задоволен, не значи дека е недостижна. Тоа што има делови од апаратот што не функционираат, тоа што многумина во јавноста ме прашуваа кога ќе биде предложен новиот обвинител, а потоа истите паѓаа во несвест зошто сум телефонрал кај истиот за да го прашам зошто нема правда за случајот „Мазут“, тоа што за некои случаи се чека со месеци да се покрене обвинение, или тоа што за многу други сè уште се истражува, никако не значи дека правда нема да има.
Правда ќе има и таа ќе важи за сите. И за оние кои шетаат низ светот со нашите украдени пари, и за оние кои мислат дека некој ќе им биде гаранција дека ќе куртулат од затвор.
Овде прашањето е да поставиме вредности и принципи, а тие мора да важат за сите. И да, од Струмица порачувам: криминалците треба да се плашат и ќе одговараат до последниот. Тоа што сум незадоволен од спороста на случаите ми дава поголем поттик да истраеме. Затоа што народот нема кратко паметење, па добро знае кои сме и за каква кауза се бориме.
Не можат да се прават невини и да зборуваат за криминал, а уште да ги трошат провизиите, тендерите и кешот што во четири очи го земале. Затоа наследивме распадната држава, со трули институции, метастазирани во корупција и криминал. Но правдата е слепа, не и недостижна. Сите ќе застанат на тегот на правдата. И не треба да бидат спокојни- потенцираше Мицкоски.

Поврзани вести