Skip to main content

Мицкоски на роденденот на ВМРО ДПМНЕ: Идејата која започна пред 36 години не само што опстана, туку денес е посилна од кога било

Сега е многу јаснооо кога ќе се споменат избори, зошто толку многу од опозицијата се исплашени….
Дали сте подготвени?!
Дали сте подготвени да ја испратиме најсилната порака од Струмица кон цела Македонија?!
Дали сте подготвени да покажеме дека народот повторно верува, повторно се обединува и повторно гледа напред, праша во својот говор, премиерот Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36 години од формирањето на ВМРО ДПМНЕ, свеченост која се одржува вечерва во Струмица.

Македонија која повторно победува!
Вечерва не сме собрани овде само да одбележиме еден јубилеј. Не сме собрани само да прославиме 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Вечерва сме собрани да покажеме дека идејата која започна пред 36 години не само што опстана, туку денес е посилна од кога било. Таа идеја, тој наш сон отсекогаш бил и ќе остане Македонија. Вечерва сме собрани да покажеме дека Македонија повторно има енергија. Повторно има надеж.
Повторно има визија. Повторно има народ кој верува во себе! Погледнете околу себе! Ќе ја видите Македонија. Не само во црвено жолтите знамиња, во погледите, во енергијата која ја испраќате.
Ова е народна сила. Ова е енергијата на Македонија, гласот на луѓето кои со години не се откажуваа од својата татковина, кои останаа исправени и кога беше најтешко.
Ова е гласот на народот кој знае дека Македонија може повеќе. И затоа вечерва од Струмица испраќаме една јасна порака.
Порака што ќе се слушне во секој град, во секое село, во секој дом. Порака која веќе се чувствува насекаде околу нас. Македонија се исправа, чекор по чекор одиме напред и мора да забрза. Тоа е нашата обврска. Македонија која забрзува!
И потполно сум свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекорчиња во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори.
На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија.
Затоа што во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да ја поведат напред.
И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, кауза и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Македонија мора да победува. Никогаш нема да падне. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш Македонија ќе има сила- рече Мицкоски.

Поврзани вести