
Во овие мигови сакам да се осврнам и на работата на Владата. Ретко, можеби и недоволно, зборувам за ова, но мораме да објасниме што правиме. Поминавме безмалку две години. Кога некој ќе ме праша од каде почнавме, ќе кажам: почнавме од темелите. Од нула. Буквално камен по камен редевме за да стасаме до овде – потенцираше во својот говор по повод 36 роденден на ВМРО ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски.

Покажавме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Во овој кус период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа по раст на БДП. Постигнавме историски рекорд од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопатски решенија. Проекциите се дека тие ќе бидат завршени до крајот на 2027 година.
Имаме десет милијарди евра во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години, во нови автопати, експресни патишта, пруги и обнова на постојните, здравствени и енергетски капацитети.
На автопатот Кичево–Охрид, што се гради веќе 12 години и од кој се пуштени 34 километри, се очекува делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена во употреба најдоцна до септември или октомври оваа година, додека делницата од Врбјани до Ботун исто така да биде ставена во функција согласно предвидената динамика на градежните работи.
Се подтовува проектот Букојчани–Кичево, во вредност од 220 милиони евра, а планирано е да започне со реализација во септември или октомври годинава. И сакам вечерва да објавам дека работиме на нов експресен пат Радовиш Струмица.
Делницата Блаце–Скопје, од над 215 милиони евра, треба да започне наредната година. Дел од низата се и делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола, кои ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“. Според досегашната динамика, Прилеп–Битола треба да биде готов и да се пушти во употреба до септември 2027 година.
Новост која е важна за источниот регион на државата е експресниот пат Кочани–Виница–Делчево, кој е во фаза на проектирање, а значително ќе го скрати патот Кочани–Делчево. Со оваа делница ќе се овозможи побрз и поквалитетен транспорт од досегашниот пат Кочани–Делчево, кој води до граничниот премин Делчево.
Во овие проекти се надоврзува и експресниот пат Романовце–Страцин.
Денес конечно овде, во Струмица, се заокружи проектот за реконструкција и изградба на струмичката болница, што беше ветуван и заглавен со децении. За ова се инвестираа 280 милиони денари.
Да не зборувам дека претходно цели седум години македонските ученици мака мачеа да ја започнат учебната година навремено со учебници. Сега, втора година по ред, има учебник за секое дете.
Ако буџетот за високото образование во 2022 година беше помалку од 3 милијарди денари, во 2026 година за универзитетите има 8 милијарди денари.
Буџетот за наука од 380 милиони денари во 2024 година го зголемивме на 773 милиони денари во 2026 година. И секоја година ќе расте.
За две години исплативме една милијарда денари повеќе субвенции за земјоделци отколку претходната влада за три години. Оваа Влада, за две години, има исплатено околу 15 милијарди денари, што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки.
Сакам сега да се осврнам и на промените кои следат. Следува реконструкција на Владата. Од утре ќе започнам да работам на оваа тема, откако сме во финишот на екипирањето и промените кои се случија во партијата, каде што имаме над 30 проценти нови претседатели на комитети, а следуваат и нови претседатели на Унијата на жени и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Морам да кажам дека кога станува збор за Владата, многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот.
Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме.
Јас пред осум години почнав од Струмица, кога станав претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил што неретко се расипуваше, со една наследена и истрошена камера и со двајца-тројца луѓе околу мене. Но желбата за успех беше голема.
Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи.
Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори.
Моите соработници ми велат: „Претседателе, многу сте меки во вашиот карактер.“ Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите.
Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е сам да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата.
Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен.
Ние не се тркаме со опозицијата. Тие одамна не се никаков репер. Ние се тркаме да бидеме подобри за народот.
Што се однесува, пак, до нашите противници, го чувствувам нивниот страв од избори. Ова е единствената опозиција во светот која не сака избори. Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат.
Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки. Ги прашувам моите соработници што имало денес од СДСМ. Ми велат: „Ништо, прераскажуваа дека некои фирми добиле тендери.“ Добро, прашувам, има ли нешто незаконско или неправилно за да реагираме? Ми велат: „Ништо, само кажаа дека фирми добиле тендери.“
Си велам, од кога добивањето тендери во државата е криминал?
А кога ќе им дојде темата избори, велат дека власта дефокусира. Дека ќе сме изгубеле време. Па тие и самите признаваат дека ќе загубат, дека потоп ќе им се случи.
Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио- рече Мицкоски.



Македонски





















































