Skip to main content

Мицкоски од Струмица: Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори

Драги пријатели,
Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите- рече во своето обраќање, на одбележувањето на 36 роденден на ВМРО ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски.

Реформите што ги спроведуваме не се цел сами по себе. Тие се алатка за да создадеме посилна економија, повисоки плати, подобро образование, поквалитетно здравство и модерна инфраструктура. Нашата цел е младите да ја гледаат својата иднина тука, компаниите да инвестираат и растат, а државата да биде двигател, а не пречка за развојот.
Сакам Македонија која не чека подобри времиња, туку сама ги создава. Македонија која се движи напред со самодоверба, со јасна насока и со вера во сопствените можности.
Македонија мора да забрза. Не затоа што некој тоа го бара од нас, туку затоа што нашите граѓани го заслужуваат. И кога ќе нè прашаат што нè движеше во овие времиња, одговорот ќе биде едноставен: љубовта кон Македонија. Љубов посилна од сите пречки. Вера посилна од сите сомнежи. И народ посилен од сите предизвици.
Нека се слушне вечерва од Струмица, низ секој град, секое село и секој дом:
Македонија не застанува. Македонија не се предава. Македонија забрзува! Ова не е крај на еден собир. Ова е почеток на едно ново поглавје.
Поглавје во кое нема да зборуваме за пропуштени шанси, туку за нови успеси. Нема да зборуваме за порази, туку за победи. Нема да зборуваме за тоа што можело да биде, туку за тоа што заедно го создаваме.
И затоа вечерва, исправени гордо под ова македонско небо, да си ветиме:
Ќе работиме повеќе. Ќе се бориме посилно. Ќе веруваме уште повеќе. И затоа, драги пријатели, кога ќе се изгаснат светлата од овој собир, кога ќе заврши музиката и кога секој од нас ќе се врати во својот дом, останува едно прашање: Што ќе оставиме зад себе?
Дали ќе оставиме уште една пропуштена шанса или ќе оставиме дело што ќе го паметат генерациите?
Нашиот народ низ историјата поминал низ премногу искушенија за денес да се плаши од предизвици. Премногу жртви се вградени во темелите на оваа држава за денес да дозволиме некој да нè убеди дека не можеме. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци. Членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, неопределени… Премногу надеж има во очите на нашите деца за да се откажеме од иднината што ја заслужуваат.
Затоа вечерва не зборуваме само за политика. Вечерва зборуваме за судбината на нашата генерација.
Зборуваме за тоа дали ќе бидеме поколението кое ќе се жали или поколението кое ќе создава. Дали ќе бидеме луѓето кои ќе бараат виновници или луѓето кои ќе градат решенија. Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето. Јас верувам во второто.
Верувам во народот кој илјада пати бил потценет, а илјада и прв пат се исправал посилен. Верувам во народот кој знае да прости, но не заборава. Верувам во народот кој знае дека слободата, достоинството и државата не се подарок, туку обврска. И затоа, од овој величествен собир во Струмица, од ова море од луѓе, од оваа енергија која вечерва се чувствува во секој дел од Македонија, сакам да испратиме порака која ќе одекне далеку.
Да ја слушнат и пријателите и противниците. Да ја слушнат и тие што веруваат и тие што се сомневаат.
Македонија повеќе нема време за стоење во место. Македонија нема да се враќа назад. Македонија нема да биде земја на изгубени можности.
Пред нас има уште многу работа. Ќе има и пречки. Ќе има и напади. Ќе има и обиди да се сопре ова движење.
Но има нешто што е посилно од сè.
Посилно од секоја лага. Посилно од секоја опструкција. Посилно од секој обид за поделба.
Тоа е волјата на народот.
А кога народот ќе одлучи да оди напред, нема сила што може да го запре. И ќе ја изградиме државата за која сонуваа нашите родители и која ја заслужуваат нашите деца.
Нека се слушне силно од Струмица!
Од Беласица до Шар Планина! Од Охрид до Делчево! Од Гевгелија до Куманово!
Една татковина! Една заедничка иднина!
И нека запомнат сите:
Народот е буден. Народот е исправен. Народот е решен.
А кога Македонија е обединета, нема пречка што не може да се совлада, нема врв што не може да се достигне и нема сон што не може да стане реалност.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Среќен роденден ВМРО-ДПМНЕ!
И нека е вечна Македонија и Бог нека ја благослови – рече Мицкоски.

Поврзани вести