
Од денеска до 20 јуни ќе се одржува Фестивалот на француски филм „Корзика во фокус“. Како што информира Францускиот институт Скопје, ова фестивалско издание е посветено на современата француска филмска кинематографија, која се одликува со креативност, автентичност и динамика и е една од најинтересните гласови на европската кинематографија.
-Ова издание, кое повторно се организира по пауза од девет години, ќе понуди четири значајни филмски остварувања, но и единствена можност за средба со режисерите и актерите. Гости на фестивалот се режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси. Тие ќе се сретнат со македонската публика по проекциите, а нивното присуство ќе придонесе фестивалот да биде не само филмски настан, туку и простор за размена и дијалог, се наведува во соопштението.
Покрај проекциите, во рамките на фестивалот се предвидени и професионални средби на француските синеасти со домашните филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности.
-Ова издание се одржува во особено значаен контекст за француско-македонската културна соработка. Имено, потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Амбасадата на Франција, на 12 јуни, во Францускиот институт во Скопје, отвора нови перспективи за соработка во аудиовизуелниот сектор, филмот, културните и креативните индустрии, професионалната обука, уметничката мобилност и размена, информира Францускиот институт.
Фестивалот вечер од 19 часот во кино „Синеплекс“ ќе биде отворен со филмот „Кралство“ (Le Royaume) на Жилиен Колонаи и ќе следува разговор со режисерот. В четврток и в петок проекциите, исто така, ќе бидат во киното „Синеплекс“ од 19 часот – утре ќе биде прикажан филмот „Фотографка“ (À son image) на Тјери де Перети и ќе има разговор со режисерот, задутре е проекцијата на филмот „Мохиканец“ (Le Mohican) на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога, по што ќе следува разговор со режисерот и актерот.
Последната фестивалска вечер, в сабота 20 јуни, ќе биде на отворено во Кинотеката, со почеток во 20.30 часот. Филмот за затворање е „Грабнување“ (Le Ravissement) на Ирис Калтенбек.

Македонски



