Skip to main content

Осумстотини деца и една едноставна порака, трчањето е радост

80 победници на пиедесталот. 800 победници на стартната линија. На четвртото издание на детската трка „Мини Трчај бе“, кое викендов се одржа на Шеталиштето во Битола, повеќе од 800 деца од цела Македонија покажаа дека спортот кај најмладите не е само натпреварување, туку радост, игра и храброст.

Во различните возрасни категории беа доделени вкупно 80 медали за најуспешните натпреварувачи, за освоено прво, второ и трето место во машка и женска конкуренција. Но организаторите велат дека бројката која најмногу ги радува е друга. Сите 800 учесници ја минаа својата патека, ја преминаа целната линија и добија медал за учество, како потсетник дека најважниот чекор е оној што го правиме кога ќе се охрабриме да стартуваме.

Секако дека сме горди на децата кои се искачија на пиедесталот. Тие покажаа одлични резултати и заслужуваат аплауз. Но ако нè прашате нас, вистинската победа е што повеќе од 800 деца избраа активно утро, спорт, дружење и движење. Во време кога сè повеќе зборуваме за физичката неактивност кај најмладите, ова е слика што дава надеж. Осумдесет деца освоија медали за резултат. Осумстотини деца освоија нешто уште поважно, убаво спортско сеќавање“, изјави Никола Димитровски „Трчај бе“.

Градското шеталиште во Битола во текот на целиот ден беше исполнето со детски насмевки, навивање, музика и семејства кои заедно создадоа атмосфера каква што ретко се гледа на спортски настани. Со повеќе од 800 пријавени учесници од десетици градови низ државата, „Мини Трчај бе“ и оваа година го потврди својот статус како една од најмасовните детски спортски манифестации во Македонија.

Поврзани вести