Skip to main content

УЈП објави нова листа на должници: Над 5.000 граѓани и компании имаат неплатени обврски

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници, која ги опфаќа физичките лица и фирмите со неплатени даночни обврски.

На листата бр. 06/2026 се евидентирани долгови што биле доспеани до 28 февруари 2026 година, а не биле подмирени заклучно со 31 мај 2026 година.

Објавените податоци се однесуваат на различни видови јавни давачки – данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, како и акцизни и царински обврски.

Според законските критериуми, на листата се најдоа должници со долг поголем од 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност, додека кај правните лица прагот е над 300.000 денари.

Во новото објавување се наведени вкупно 5.058 должници. Од нив, 1.941 се компании и други правни лица, а 3.117 се физички лица.

Во споредба со претходната листа, бројот на правни лица е намален за 13, додека бројот на физички лица е зголемен за 53.

Вкупниот нето-долг на пријавените должници изнесува речиси 12,9 милијарди денари. Од оваа сума, најголемиот дел се однесува на даноци и придонеси, додека останатиот дел се царински давачки.

Од УЈП посочуваат дека листата на должници е јавно достапна и може да се погледне преку официјалните канали на институцијата.

Поврзани вести