Skip to main content

Дина Дума ја освои NORA EPHRON AWARD: TRIBECA ја препозна како силен женски авторски глас

Режисерката Дина Дума ја освои Nora Ephron Award на Tribeca Festival во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше својата светска премиера во рамки на фестивалот.

Nora Ephron Award е специјално признание што се доделува на исклучителна жена филмска авторка која го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со ова признание, Tribeca ја препозна Дина Дума како силен женски авторски глас на меѓународната филмска сцена.

Во образложението на жирито се истакнува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како јасен женски авторски глас во патријархален свет може да отвори врати за многу други. „Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето: како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини“, се наведува во одлуката на жирито.

Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, а истовремено проткаен со радост и хумор. Во образложението дополнително се истакнува дека, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат без глас, Дина Дума ја воведува публиката во посебно, длабоко човечко искуство, преку конкретни ликови кои ја слават солидарноста и семејството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше дел од International Narrative Competition, главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со продуцентка Лабина Митевска, по сценарио на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA и фондови од земјите копродуценти.

Со Nora Ephron Award, Дина Дума добива едно од значајните специјални признанија на Tribeca Festival, кое го истакнува значењето на женската авторска перспектива, храброста да се раскажуваат комплексни приказни и силата на филмот да отвори простор за гласови кои ретко добиваат видливост на големата сцена. Наградата има и паричен фонд од 25.000 долари, како директна поддршка за понатамошниот авторски развој и за создавање нови филмски проекти.

Поврзани вести