
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума ја освои наградата „Нора Ефрон“ на филмскиот фестивал „Трајбека“ во Њујорк. Ова е едно од најзначајните специјални признанија на фестивалот, посветено на женскиот авторски глас. Со наградата „Трајбека“ ја препозна Дина Дума како режисерка со силна визија, автентична перспектива и храбар филмски израз.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор долгометражен проект на Дума и претставува македонска приказна со силен меѓународен одек, која преку интимна семејна драма отвора универзални прашања за слободата, изборот и положбата на девојките и жените во општеството.
Главен лик во филмот е 13-годишната Адела, која ја игра Ефќар Абаз, а во другите улоги насгапуват и Џефрина Јашари и Ганимед Абдула. Најголем дел од актерите се натуршчици.
Дума е сценаристка на филмот заедно со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска. Директор на фотографија е Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и беше поддржан од Агенцијата за филм со 24 милиони денари (околу 400.000 евра) на Конкурсот во 2022 во втор рок на одлучување, како и со 350.000 евра од Еуримаж, а поддршка доби и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска. Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Светската дистрибуција ја застапува француската „Кинолоџи“.

Македонски



