Skip to main content

Награда за колективна игра од меѓународниот фестивал во Темишвар за Театар за деца и младинци

На 11-тото издание на Меѓународниот фестивал за анимација „Под волшебното стапче на Мерлин“ („Sub Bagheta lui Merlin“), кој се одржа во Темишвар, Романија, од 27 септември до 4 октомври, претставата „Франкенштајн“ на Театарот за деца и младинци (ТДМ) освои престижна Награда за колективна игра (Award for Ensemble Performance).

Публиката и стручното жири во Темишвар имаа можност да ја погледнат изведбата на оваа длабока и визуелно впечатлива претстава на 1 октомври, на големата сцена на Унгарскиот државен театар „Чики Гергељ“ (Csiky Gergely).

Меѓународното жири ја препозна и ја валоризира врвната уметничка синергија, прецизност и длабока емоционална ангажираност на актерскиот ансамбл, доделувајќи му го ова значајно признание кое ја потврдува високата професионалност на македонскиот театар.

Претставата „Франкенштајн“ преку својот оригинален сценски јазик и актуелна тематика, уште еднаш докажа дека уметноста не познава граници и успева длабоко да ја допре и младата и возрасната публика ширум светот, известија од НУ Театар за деца и младинци – Скопје.

Претставата е поставена во режија на Кокан Младеновиќ по мотиви од романот „Франкенштајн“ од Мери Шели, драматурзи се Драгана Лукан Николоски и Димитриjе Коканов, а во претставата играат актерите Никола Наковски, Матеа Јанковска, Ангела Димитрова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Ненад Митевски.

Поврзани вести