Skip to main content

Честитка од Сиљановска-Давкова: 11 Октомври е аманет дека слободата се добива со храброст, а држава се гради со труд, чест и одговорност

Претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание со порака дека овој светол датум во нашата историја е аманет дека слободата се добива со храброст, правдината бара стаменост и пожртвуваност, а држава се гради со труд, чест и одговорност.

На 11 Октомври 1941 година, македонските востаници му се придружија на антифашистичкиот демократски фронт, решени да го продолжат патот на илинденците до конечната победа и слобода, формирајќи македонска држава.
На 11 Октомври 1941 година, македонските синови и ќерки тргнаа во решителен бој против фашистичките окупатори, бранејќи ја татковината. Во време кога фашистичките сили маршираа низ европските држави, македонскиот мирољубив народ не беше тивок набљудувач на злото, туку патриотски ја прифати обврската за ослободување. Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ, вели Сиљановска – Давкова во објвата на нејзиниот фесбук профил.

Таа нагласува дека 11 Октомври не е само важен историски датум. Тој е незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината. Заветот пак, не значи евоцирање спомени, имиња и настани, туку водење државен и општествен живот, достоен на нивната жртва.

Прилепските и кумановските востаници, но и сите други, не ни оставија само славна страница од минатото, туку аманет дека слободата се добива со храброст, дека правдината бара стаменост и пожртвуваност, дека држава се гради со труд, чест и одговорност. Нивниот херојски подвиг нè задолжува да бидеме не само нивни благодарни потомци, туку и достојни чувари и бранители на нивното непроценливо дело. Се разбира, денешново време наметнува други приоритети, но секогаш остануваат човековата жед за правда, достоинство и слободен живот како насушна потреба, наведува таа.

Современиот бурен, сложен и конфликтен историски миг, потенцира таа, од нас бара сплотеност, зрелост и мудрост, како неопходни доблести во справувањето со новите предизвици и проблеми со коишто сме соочени не само ние, туку и Европската Унија, Европа и светот.

Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање едни други, за градење свест за заедничко добро. Мора да градиме правна и демократска држава, но и граѓанско општесто во кое законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на сите, а сечие човеково достоинство ќе биде неприкосновена вредност. Секое поколение има свој испит пред историјата. Нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку, да ги оживотвориме нивните подвизи: со знаење, наместо со незнаење; со право, етика и морал, наместо со самоволие; со единство, наместо со раздор; со заслуги, наместо со политички, партиски и статусни привилегии. На крајот, на востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава! Ние пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава. Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!, стои во честитката на претседателката Сиљановска-Давкова.

Поврзани вести