Skip to main content

Слободата не е завршена приказна, таа е дело што секоја генерација мора да го продолжи: Мицкоски со честитка за 11 Октомври

Длабока почит кон борците кои го започнаа народното востание и ја отворија вратата на слободата изрази премиерот Христијан Мицкоски во својата порака по повод државниот празник 11 Октомври.

Тој потсети на драматичните историски моменти од пред 85 години, истакнувајќи ја храброста на луѓето кои без никаква гаранција за сопствениот живот застанаа во одбрана на татковината.

Според премиерот, денешните генерации имаат јасна должност и обврска да ја чуваат извојуваната слобода и да овозможат подобри услови за живот за идните поколенија.

Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот.
Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено.
Нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање. Нека биде ден на нова одговорност. Одговорност да ја чуваме слободата. Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи.
Честит 11 Октомври!
Да е вечна Македонија!, пишува на Фејсбук, Мицкоски.

Поврзани вести