
Уставните измени не се единствениот услов за тргање на ветото за почеток на преговори на земјава со ЕУ, туку Бугарите имаат и услови поврзани со протоколите околу историската комисија, изјави денеска во Софија претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по билатералната средба со шефицата на бугарската држава Илијана Јотова на маргините на Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ.
Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. За да им дадам шанса на преговорите, на разговорите и на дијалогот, само ќе кажам дека едно на обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам, изјави претседателката Сиљановска – Давкова.
Македонската делегација предводена од претседателката, како што кажа таа, ги изложила нашите позиции и видувања и особено ја потенцирала обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на ЕУ да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур бидејќи пресудите важат за сите и сите членки на Советот на Европа имаат судии во Судот во Стразбур.
Сиљановска – Давкова рече дека исто така било посочено дека претставници на двете земји треба почесто да се среќаваат и да разговараат, колку тоа и некогаш да изгледа дека нема да вложи со резултат.
Средбата со Јотова, но и Самитот на ПСЈИЕ, таа ги оцени како многу успешни, нагласувајќи дека сите учесници повикале на натамошна соработка и оддале признание на претседателството на Бугарија, каде е формиран ПСЈИЕ пред 30 години.
Меѓутоа, сите повикувавме дека зборовите се понекогаш убави, ама дека се поважни делата односно потезите што ќе ги влечеме, дека е логично меѓу кажаното и стореното – рече претседателката.
На средбата со бугарската претседателка, иако таа го споменала нон-пејперот на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фриндрих Мерц, за тоа немало интерес и главно разговорот, како што кажа, се фокусирал на прашањата со кои се соочуваме ние како соседи, за одржувањето на втората невладина конференција, односно почетокот на преговорите и отворањето на кластерот фундаменти со кои почнуваат и завршуваат преговорите.
Конкретна следна средба меѓу двете претседателки не е договорена, но изразиле подготвеност за разговори, за дебата, за меѓусебно почитување, како што рече, „и кога не се согласуваме“. – Мислам дека првиот тест го поминавме – рече претседателката.
По завршувањето на официјалната прес-конференција и предавањето на претседавањето од Бугарија на Романија, бугарските медиуми побараа изјава од македонската претседателка. Сиљановска – Давкова на нивните бројни прашања поврзани со уставните измени одговараше на англиски јазик објаснувајќи дека таа не е монарх да одлучува за тоа, но исто така укажа на уставните заложби за почитување на човековите права, што не е случај во Бугарија.
Јас кога тргнав на средба со соговорничката од Косово бев пречекана од повеќе новинари. Ако речам не одговарам ќе речат дека не сум кооперативна и дека не сум добронамерна. Се разбира, јас побарав на англиски ако може да ме прашаат, но мислев дека тоа ќе оди по некој ред. Буквално тоа беше, како да кажам бомбардирање со прашања. Се разбира, јас се обидов на некои да одговорам, меѓутоа немаше атмосфера за одговарање бидејќи самите новинари не се дослушуваа туку истовремено поставуваа прашања – рече Сиљановска – Давкова.

Македонски



