
Дејан Дуковски, автор во фокус на 60. јубилејно издание на фестивалот, ќе биде во фокус на програмата на фестивалот денеска. Програмата во негова чест ќе започне во 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со краток настап на студенти на ФДУ, кои работеа со режисерката Шенај Мандак. Ќе следува отворање на изложба на постери од претстави поставени според драмските текстови на Дуковски по цел свет. Авторка на изложбата е Јасмина Алексова.
Веднаш потоа ќе следува промоција на двете книги со драми на Дуковски, во издание на „Арс Ламина“. Ќе се обратат уредничката на книгите, Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и авторка на поговорот.
Изданијата, насловени „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“. Во првата книга се застапени драмите: „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“. Во неа има и впечатлив предговор од Слободан Унковски, нашиот истакнат режисер, кој тесно соработува со Дуковски уште од неговите почетоци.
Втората книга ги содржи: „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“ – најновиот драмски текст на
Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годинава ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.
Двете книги „Драми“ претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена – можност новите генерации да го откријат, а постарите читатели одново да му се навратат на еден од најмоќните драмски гласови кај нас.
Вечерва на програмата се две претстави од официјалната програма – „Чечинџ“ на Јане Спасиќ, на Театар за деца и младинци во 19 часот на сцената 105. Во претставата играат: Никола Наковски, Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанковска, Ненад Митевски и др.
Во 21 часот ќе следува „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, на Штипскиот театар. Играат: Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонов, Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини.

Македонски


