
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека граѓаните, доколку имаат проблеми со долгите чекања на границите, би можеле летниот одмор да го поминат во Македонија, повторно се отвори прашањето – што навистина нуди земјава како летна туристичка дестинација. Вчера се одржа првата јавна расправа посветена на изработката на Националната стратегија за развој на туризмот на Република Македонија за периодот 2027–2032 година, каде што беше истакнато дека почнувањето на процесот на подготовка на новата Национална стратегија претставува значаен чекор кон создавање современ, одржлив и конкурентен туристички сектор.
Но, дали Македонија денес има капацитет да биде сериозна алтернатива за летување или домашниот туризам и понатаму главно се сведува на викенд-одмори и кратки престои?
Охрид несомнено останува најсилниот туристички адут на државата. Со комерцијални уредени плажи, по некоја слободна плажа, богата понуда на сместување, културни содржини и ноќен живот, охридскиот регион е единствената домашна дестинација која во голема мера може да се споредува со класичните летни центри во регионот. Тука главната забелешка на граѓаните оди на сметка на цените во угостителските објекти, која охриѓани ја оправдуваат со фактот дека се работи за најголемиот туристички центар во земјава.

Надвор од Охрид, сликата е нешто поинаква. Дојранското Езеро и понатаму привлекува посетители со својата препознатлива атмосфера, топлата вода и мирниот амбиент. Сепак, поради природните карактеристики на езерото и ограничената понуда на активности на вода, Дојран повеќе се наметнува како дестинација за спокоен семеен одмор отколку како класичен летен туристички центар.
Дојран некогаш се полнеше за популатниот „Д фест“, кој доби нова локација – Штип. Летово, првиот викенд во јули во Дојран го имаме „DFEST ENERGY WEEKEND 2026“, но се чини тоа не е доволно за да привлече голем број туристи.

Преспанскиот регион, пак, со години се обидува да го пронајде своето место на туристичката карта. Иако нуди исклучителна природа, чист воздух и можности за активен одмор, велосипедизам и прошетки, туристичката инфраструктура е значително поскромна во споредба со Охрид. Капење е возможно на одредени локации, но Преспа денес повеќе привлекува туристи кои бараат мир и природа отколку класично плажно летување. Капењето сепак му останува на Охридското Езеро.
Планинските центри како Маврово, Крушево, Берово и Попова Шапка, од друга страна, воопшто не се обидуваат да бидат замена за морските дестинации. Нивната понуда се темели на активен туризам, планинарење, велосипедизам, рурален туризам и престој во природа.

Освен езерскиот и планинскиот туризам, Македонија со години се обидува да развива и рурален, културен и археолошки туризам. Во повеќе региони се отвораат семејни пансиони и етно-сместувања кои нудат престој во традиционални куќи, локална храна и директен контакт со локалното население. Села како Љубојно, Брајчино, Јанче, Гари, Вевчани и други, веќе се препознаваат како дестинации за туристи кои бараат поинакво искуство од класичниот хотелски одмор. Но, ни фали уште многу за тие да станат вистинска атракција.
Македонија располага и со значајно културно и историско наследство. Археолошките локалитети како Стоби, Хераклеја, Баргала, Скупи и Кокино се меѓу најпознатите туристички точки кои сведочат за богатата историја на овие простори. Тука се и десетици манастири, цркви, стари чаршии и традиционални архитектонски целини кои можат да бидат основа за развој на културен туризам.

Сепак, дел од туристичките локалитети и натаму се соочуваат со предизвици. Посетителите често укажуваат на недоволна туристичка сигнализација, ограничена понуда на содржини, недостиг од туристички водичи, како и проблеми со пристапната инфраструктура и одржувањето на околината. Иако најголем дел од археолошките локалитети се отворени за посетители, нивната туристичка валоризација во многу случаи останува под нивниот реален потенцијал.
Токму затоа, дел од туристичките работници сметаат дека Македонија не се соочува со недостиг на туристички атракции, туку со предизвикот тие подобро да се поврзат, промовираат и инфраструктурно да се поддржат. На релативно мала територија земјата располага со природни убавини, културно наследство, гастрономија, винарии и автентични рурални средини, но нивното претворање во конкурентен туристички производ останува еден од клучните предизвици на секторот.

Во време кога најголем дел од македонските граѓани летниот одмор традиционално го поминуваат во Грција, Албанија или Црна Гора, се поставува прашањето дали домашниот туризам може да понуди доволно причини за граѓаните да останат во земјава. Од Министерството за култура и туризам сметаат дека одговорот лежи во поинаков пристап кон туризмот, насочен кон автентични искуства, локална гастрономија, рурални дестинации и одржлив развој.
Современите туристи бараат автентични искуства, природа, локална храна, одржливост и контакт со локалната заедница. Македонија токму во тој дел има сериозен потенцијал и активно работи да фати чекор со новите светски трендови преку развој на нови туристички продукти и понуда прилагодена на современиот патувач. Нашиот фокус се повеќе се насочува кон развој на рурални и зелени дестинации, активен и одржлив туризам, каде што локалната заедница е директно вклучена и има економски бенефит. Македонија има што да понуди, од недопрени природни предели, автентична гастрономија и традиција, до уникатни искуства кои се повеќе се бараат на светскиот туристички пазар.
Веќе имаме и конкретни примери. Крушево и Вевчани добија сертификати за зелени дестинации, што е потврда дека Македонија може да развива туризам според современи европски стандарди. Источна Македонија нуди недопрена природа и автентични искуства, Маврово и регионот околу него се препознатливи по активен туризам, планинарење и традиционална гастрономија, а производи како галичкиот кашкавал и локалната кујна стануваат дел од туристичкото доживување.
Дополнително, винариите ширум земјата, особено долж Вардарската долина, се повеќе ги отвораат вратите за транзитните туристи и развиваат вински и гастрономски тури, што претставува огромна можност за привлекување гости кои поминуваат низ Македонија. Македонија можеби не може да конкурира со масовните медитерански дестинации, но може да понуди нешто што денес туристите се повеќе го бараат, автентично, одржливо и искрено туристичко искуство“.

Во Министерството признаваат и дека изборот на голем дел од македонските граѓани да летуваат во Грција или Албанија е очекуван.
Секако дека граѓаните ги избираат соседните дестинации како Грција и Албанија, пред се поради морето и долгогодишните навики за летување. Но, тоа не значи дека Македонија ја губи битката како туристичка дестинација. Напротив, статистиките покажуваат дека домашните туристи и понатаму држат континуитет и активно патуваат низ државата, особено за време на викенди, фестивали, празници и кратки одмори.
Охрид и понатаму е една од најпосетените домашни дестинации и избор и за помладата генерација и за семејните туристи во летниот период. Исто така, традиционалните фестивали, културните манифестации и гастрономските настани привлекуваат голем број домашни посетители низ целата држава. Во зимскиот период, ски центрите во Маврово и на Шар Планина бележат задоволителна посетеност, што покажува дека домашниот туризам има потенцијал во текот на целата година, а не само сезонски.
Токму затоа Министерството за култура и туризам, заедно со академската фела и приватниот сектор, веќе работи на нова Развојна стратегија за туризам. Целта е да се креираат политики и современи туристички продукти кои ќе одговорат на потребите и на домашните и на странските туристи, но и ќе придонесат повеќе граѓани да ги избираат домашните дестинации. Наш предизвик не е само да ги задржиме туристите, туку да создадеме поквалитетна, поавтентична и поконкурентна понуда, со подобри услуги, повеќе содржини, развој на рурален, активен, гастрономски и одржлив туризам. Македонија има потенцијал да биде дестинација која се посетува во текот на целата година“.
Разновидноста на Македонија е нашата најголема предност

Македонија има прекрасни зелени дестинации како Берово, Јанче, Гари, Љубојно, Вевчани, места каде може да се доживее вистинската македонска традиција, гостопримство и локална гастрономија, сметаат од Министерството за култура и туризам. Според нив разновидноста на Македонија е нашата најголема предност.
На оние кои сакаат мирен летен одмор би им го препорачале Дојранското Езеро, кое има посебен медитерански шарм, поинаква атмосфера, одлична храна и релаксиран амбиент. За љубителите на природа и рурален туризам, Македонија има прекрасни зелени дестинации како Берово, Јанче, Гари, Љубојно, Вевчани, места каде може да се доживее вистинската македонска традиција, гостопримство и локална гастрономија. Крушево е неизбежна дестинација, особено за оние кои сакаат активен туризам, планински воздух, култура и авантура. Истовремено, винскиот регион долж Вардарската долина нуди се подобро гастрономско и винско искуство, со винариите кои се повеќе се отвораат за домашни и странски посетители. Македонија има и силни традиционални и културни настани кои можат да бидат причина за патување сами по себе, Галичката свадба, Охридско лето, Вевчанскиот карневал и бројни локални фестивали кои го оживуваат туризмот и надвор од главната сезона. Она што ја прави Македонија посебна е што на релативно мала територија може за неколку дена да се доживеат езеро, планина, традиционално село, винарии, автентична храна и културни настани. Токму таа разновидност е нашата најголема предност.
Туризмот не значи само сместувачки капацитети
Од Министерството за туризам и култура признаваат дека потребно е долгорочно урбанистичко и инфраструктурно решение кое ќе одговори на сезонските оптоварувања и ќе овозможи одржлив развој на дестинациите. Реалноста е дека голем дел од туристичките места имаат проблем со паркинг, хигиена, диви депонии…

Во последниве години низ Македонија се отворија бројни автентични и традиционални сместувачки капацитети, особено во руралните средини, кои нудат поинакво и автентично туристичко искуство. Токму во тие региони постои капацитет за развој и опслужување на туристите, особено кога станува збор за рурален, гастрономски и одржлив туризам. Но, ако зборуваме реално, кај дел од најпосетените дестинации кои се соочуваат со масовен и сезонски туризам, како Охрид во летниот период или Шар Планина за време на зимската скијачка сезона, постојат предизвици поврзани со паркинг, инфраструктура, хигиена и управување со големиот број посетители.
Токму затоа е потребно долгорочно урбанистичко и инфраструктурно решение кое ќе одговори на сезонските оптоварувања и ќе овозможи одржлив развој на дестинациите. Туризмот не значи само сместувачки капацитети, туку и квалитетен јавен простор, сообраќајна организација, чиста животна средина и добро управување со дестинациите. Целта е развојот на туризмот да биде рамномерен, со поголема распределба на туристите и кон помалите и рурални дестинации, со што ќе се намали притисокот врз најпосетените туристички центри“ – велат од ресорното Министерство.
Современиот турист денес бара чиста, уредена и одржлива средина
Со години се зборува за развој на алтернативен и рурален туризам, а дел од дестинациите се уште се соочуваат со недостаток на основна инфраструктура. Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека се работи на Националната стратегија за туризам 2027-2031, која треба системски да ги постави приоритетите за развој на туризмот во државата.

Стратегијата предвидува развојни проекти со фокус на рамномерен регионален развој, подобрување на туристичката инфраструктура и развој на одржливи форми на туризам. Посебен акцент се става и на формирање на ДМО – дестинациски менаџмент организации, кои ќе овозможат подобро локално управување со туристичките дестинации и поголема вклученост на општините, приватниот сектор и локалната заедница. Туризмот не може да се развива само преку промоција. Потребна е инфраструктура, локални содржини, квалитетни услуги и координација меѓу институциите. Затоа целта е развојот да не биде концентриран само во неколку туристички центри, туку придобивките од туризмот да ги почувствуваат и помалите рурални средини кои имаат сериозен потенцијал“ – велат тие.
Од министерството додаваат дека уреденоста на јавните простори и квалитетната инфраструктура се важен дел од туристичкото искуство и влијаат врз имиџот на една дестинација. Современиот турист денес бара чиста, уредена и одржлива средина. Токму затоа во новите политики за развој на туризмот се повеќе се става акцент на одржливи дестинации, подобра координација меѓу институциите и поголема грижа за јавниот простор и природните ресурси.
Автори: М.М. – Б.Б.

Македонски



