Skip to main content
Во Пула отворена изложба на македонско- пајонските бронзи со препознатлива македонско-божур бронза и фасцинантен поглед во духовниот свет

Честоева: Изложбата „NEPENTHE Еликсир од земјата на сонцето“ носи ексклузивен увид во едно од најинтересните откритија во регионот

Во Галеријата „C8“ при Археолошкиот музеј на Истра во Пула викендов беше отворена изложбата „NEPENTHE – еликсир од Земјата на Сонцето“. Изложбата ја раскажува фасцинантната приказна за богатите женски погребувања од железното време откриени на локалитетот Лисичин Дол кај Исар Марвинци, Валандово. Поставката го открива светот на македонско-пајонските бронзи – еден од највпечатливите и автохтони феномени на материјалната култура на централниот Балкан, датиран о 8 до 6 века пред новата ера. Посебен акцент е ставен на улогата на жените и свештеничките-исцелителки во општеството од железното време. Проектот е на Археолошкиот музеј во Скопје, куратор е д-р Александра Папазовска, а ко-куратор м-р Александра Чевреска.

Особена чест и задоволство ми е што денес имав можност да бидам дел од отварањето на изложбата NEPENTHE Еликсир од земјата на сонцето на Национален археолошки музеј која носи ексклузивен увид во едно од најинтересните откритија во регионот: Во нејзиниот центар се неколку исклучително богати гробови на млади жени кои нудат редок и фасцинантен поглед во духовниот свет со крајно богат репертоар на лични предмети и предмети од култно значење . Меѓу нив има и препознатлива македонско-божур бронза, која открива истакнат социјален и духовен статус.

Изложбата не е само простор за претставување туку и можност за дијалог меѓу уметникот и публиката.

Ви благодарам на поканата и поддршката, и посакувам уште многу успешни проекти, инспирација и творечки достигнувања, рече Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културно наследство.

По отворањето, во 13:30 часот, Папазовска одржа стручно предавање „Paeonian Bronzes: The Interplay of Toreutics, Art, and Beliefs / Пајонските бронзи: преплетување на тореутиката, уметноста и верувањата“.

Од Археолошкиот музеј објаснуваат дека Лисичин Дол припаѓа на типот на рамни некрополи каде гробовите биле подредени во редови со линеарен распоред.

Во текот на развиеното железно време, регионот на Долното Повардарје забележал значителен демографски пораст. Оваа експанзија на населението е добро документирана со бројни ископани некрополи низ целата Долновардарска Долина, поконкретно во областа на Валандово и Гевгелија, каде што се речиси целосно се истражени околу десет локалитети – објаснуваат тие.

Во фокусот на изложбата се ставени неколку исклучително богати погребувања на млади жени, кои нудат редок и фасцинантен поглед во духовниот свет на железното време. Посебен акцент на изложбата се познатите македонско-пајонски бронзи кои претставуваат еден од највпечатливите и најавтохтоните феномени во материјалната култура на Централниот Балкан. Оваа посебна група на вотивни предмети и накит, примарно откриена во некрополите во текот на Повардарието, одразува висок степен на технолошки напредок и комплексна духовна димензија и религиозен карактер на пајонските заедници.

Оваа изложба не е само приказ на врвната праисториска тореутика и обработка на бронза, туку и приказна за статусот на жените во Пајонија. Посетителите ќе имаат можност да видат редок спој на луксуз, верувања, ритуални пракси, како и да дознаат како овие исцелителки од железното време ја користеле природата за лекување на телото и душата – велат археолозите.

Од аспект на социјалната археологија, овој феномен ја нагласува диференцијацијата на статусот кај женскиот пол, каде што контролата над „светиот сон“ и лековитите својства на макот овозможувала висок степен на општествена моќ. Свештеничките-исцелителки, дефинирани како „аниматори“ на култните манифестации, делувале како посредници меѓу заедницата и божественото.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, а го спроведуваат Арехеолошкиот музеј во Скопје и Археолошкиот музеј на Истра.

Поврзани вести