Skip to main content

Љутков од Нови Сад: Јубилејот за Македонците во Војводина има историско и културно значење

МИА

 Јубилејот „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“ е значаен момент и од историски и од културен аспект, оцени министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој е дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија во Нови Сад.

Љутков оцени дека станува збор за значаен јубилеј, истакнувајќи дека заедницата на Македонци во Србија има важна улога во општествениот развој.

– Ова е значаен момент и јубилеј, и од историски и од културен аспект – изјави министерот Љутков.

Тој нагласи дека Македонците во Војводина континуирано придонесуваат за мултикултурното општество во Србија.

– Македонците овде придонесуваат многу за мултикултурниот развој на Србија и се трудат да го одржат континуитетот во однос на македонскиот јазик, културата и традицијата, и тоа е особено важно за нас како Македонци – рече Љутков.

Според него, присуството на претседателите на владите на двете земји, Христијан Мицкоски и Ѓуро Мацут, дополнително ја потврдува блиската соработка и пријателството меѓу Македонија и Србија.

Министерот посочи дека соработката во културата продолжува да се развива преку бројни средби и проекти, а во тек е и изработка на Национална стратегија за малцинствата за периодот 2025–2030 година, во која значајно место има културата.

Тој потсети и на отворањето на Културно-информативниот центар во Белград, кој има за цел долгорочна поддршка на македонското малцинство преку културни програми.

Во рамки на одбележувањето, во Нови Сад се одржуваат повеќе културни настани, со учество на македонски национални установи, ансамблот „Танец“, Александра Јаневска и хорови од основните училишта од градот

https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=1845639763087185

Поврзани вести