
„Моето заробено срце“ (MY ENSLAVED HEART), босанска драма што ја напиша и режираше Џан Харба, ќе има светска премиера на 11 ноември во Apollo Kino Plaza, сала 9, во Талин. По проекцијата следува разговор на публиката со режисерот Џан Харба, продуцентот Зоран Ковачевиќ и директорот на фотографија Самир Љума.
Филмот се прикажува во натпреварувачката програма Shorts New Talents Competition: Live-action на PÖFF Shorts, дел од 30. Tallinn Black Nights Film Festival.
Директор на фотографија е македонскиот кинематографер Самир Љума, кој заедно со Фејми Даут го сними „Медена земја“ („Honeyland“), документарниот филм номиниран за Оскар. За „Медена земја“ („Honeyland“) Љума ја доби наградата на фестивалот Sundance во 2019 година, а заедно со Даут и наградата на Американското здружение на кинематографери (ASC) за документарен филм.
„Моето заробено срце“ е првата соработка на Самир Љума со Џан Харба.
Работата со Самир беше еден од најпријатните делови од создавањето на овој филм. Како студент, бев неизмерно благодарен кога дознав дека толку почитуван, искусен директор на фотографија ја препозна приказната и се приклучи. Покрај искуството и стручноста, перспективите на Самир ја обликуваа приказната- тој воведе гледишта за кои воопшто не размислував и ми помогна појасно да го артикулирам визуелниот јазик на филмот. Најмногу ја ценев чувствителноста и великодушноста со која пристапи во соработката. Беше многу исполнувачки, збогатувачки творечки однос и од искуството излегов не само со филм каков што се надевав дека може да биде, туку и значително пораснат како автор. Тоа е нешто што навистина го ценам во работата со Самир, вели Џан Харба.
Филмот е дипломски проект на Харба, продуциран за NYU Tisch School of the Arts и ги следи Авдо и Златка ( улогите ги толкуваат Изудин Бајровиќ и Јасна Жалица), кои за прв пат по бегството од војната во деведесеттите, се враќаат во Босна. Водени од Авдовите идеализирани сеќавања, тргнуваат на пат низ изменета земја и почнуваат да се прашуваат дали домот што го паметат уште постои.
Од почеток овој филм е вкоренет во прашањето што значи да копнееш по дом што повеќе не постои. Растејќи во семејство што избега од војната во Босна во деведесеттите, ги гледав моите родители и баба и дедо, како и многу други луѓе од Балканот, како се справуваат со чувства на раселеност, носталгија и изгубеност. Сакав да ги драматизирам тие чувства преку патувањето на Авдо и Златка, двајца луѓе што копнеат да ги надминат поголемите општествено-историски сили, ризикувајќи да бидат проголтани од сопствениот идеализам. Се надевам дека филмот ќе го предизвика чувството на талкање низ светот во потрага по дом што сега постои само како сеќавање, вели Џан Харба, сценарист и режисер на филмот.
Филмот е веќе наградуван со National Board of Review Student Grant 2026 и Norman T. Strauss Award 2026. Продуценти се Зоран Ковачевиќ и Макс Вилсон, монтажер е Кемал Бурак Чухадар, а тонот го потпишува Ели Кон.
Самир Љума е познат по соработката со млади режисери на почетокот од нивната кариера. Го снимил и продуцирал краткиот филм „Мишко“ („Mishko“) на Ханис Багашов (2018), направен кога режисерот имал 17 години, го снимил дипломскиот филм „Никола, Никола“ („Nikola, Nikola“) на Леон Ристов дипломец на универзитетот Колумбија, а неодамна соработувал со египетско-канадскиот режисер Марко Адли, школуван на NYU, на неговиот прв долгометражен филм „Stanza“. Самир е член на Македонската Асоцијација на Кинематографери при ДФРМ.
Мајка ми е од Сараево, но јас пораснав во Македонија, па мојот контакт со повоена Босна веројатно беше многу поинаков од оној на нашите протагонисти. Кога Џан ме контактираше и го прочитав сценариото, веднаш сакав да бидам дел од тоа. Ја снимивме тишината како лик што гласно зборува во овој контекст, вели Самир Љума, директор на фотографија.
Сценариото и режијата се на: Џан Харба, улоги: Изудин Бајровиќ, Јасна Жалица, директор на фотографија: Самир Љума, продуценти: Зоран Ковачевиќ, Макс Вилсон, монтажа: Кемал Бурак Чухадар, тон: Ели Кон.

Македонски




