
По три децении во Младинскиот културен центар (МКЦ), продуцентот и раководител на драмската програма на институцијата, Русе Арсов, заминува од скопската културна институција. Во објава на социјалните мрежи, тој соопшти дека минатата недела дал отказ. Арсов беше и директор на МКЦ од 2018-тата до крајот на 2021 година.
„По 30 години решив да се разведам од мојата најголема љубов, МКЦ“, напиша тој додавајќи дека му паднало особено тешко што тоа го прави на само две недели од почетокот на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ), чијшто извршен директор е токму Арсов.
Можеби и затоа најмногу боли. Непосредно пред почетокот на 51. МОТ. Во последниве години изгубивме многу. Изгубивме надеж, публика, генерации нови деца, идентитет, луѓе, мисла. Од водечка регионална културна установа се сведовме на месен дом на култура. И не, немојте да помислите дека не се боревме. Само сакаме да градиме, да работиме и да правиме поубав град. Баталете друго. Не, не го познаваме јазикот на партиските логики и политиките на ‘заобиколување’ на правото и законите. Еве, признаваме дека тоа не го знаеме“, пишува меѓу другото тој во објавата.

Македонски




