
Бугарскиот премиер Румен Радев предупреди на сериозни економски проблеми со кои ќе се соочи земјата во наредниот период, откривајќи дека Европската комисија следната недела ќе покрене постапка за прекумерен дефицит против Бугарија.
Како што пренесува бугарскиот портал Еуз.бг, Радев пред почетокот на владината седница изјавил дека дефицитот на Бугарија е над дозволените 3 проценти, поради што земјата ќе биде ставена под редовен мониторинг и можни санкции од Европската комисија.
„Лошата вест е дека на 3 јуни Европската комисија ќе објави извештај со кој ќе се покрене постапка за прекумерен дефицит на Бугарија. Нашиот дефицит е над 3% и ќе бидеме предмет на редовно следење со санкции“, изјавил Радев.
Тој ги обвини претходните бугарски влади дека ја прикривале реалната состојба на јавните финансии со цел земјата да ги исполни условите за влез во Еврозоната. Според него, вистинскиот дефицит минатата година бил значително поголем од официјално прикажаниот.
Радев порача дека состојбата годинава ќе биде уште потешка, оценувајќи дека „меурот пукнал“ и дека новата влада наследила сериозни финансиски проблеми. Тој обвини за лошо управување, празнење на буџетот и сомнителни јавни набавки, најавувајќи дека владата ќе бара одговорност за, како што рече, „кражбите и грабежите“.
„Ќе направиме сè што е можно во наредните години за да го доведеме буџетот во нормални граници“, нагласил Радев.
Тој предупреди и дека ќе биде исклучително тешко бугарската влада повторно да воспостави стабилен буџетски дефицит и финансиска дисциплина.

Македонски


