
Во Собранието, денеска се одржа панел-дискусија на тема „Улогата на демократските институции во културниот дијалог: Од претставување до кохезија“ – сесија 2 во рамки на Четвртиот форум за културна дипломатија.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање истакнал дека нашата држава има седум културни центри низ светот, нагласувајќи дека културата нема граници. Тој посочил дека Евровизија и студентските размени претставуваат еклатантен пример за заедничка меѓународна култура и поврзување меѓу народите.
Поранешниот претседател на државата, проф. д-р Ѓорге Иванов се заблагодарил за организацијата на настанот и истакнал дека е од исклучителна важност соработката на законодавниот дом со сите релевантни домашни и меѓународни партнери и пријатели на државата.
Јован Суботиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора, говореше за искуствата на Црна Гора низ демократските процеси, нагласувајќи дека културата е еден од најзначајните ресурси што државата може да ѝ ги понуди на Европската Унија. Тој потенцираше дека во Црна Гора културата е високо ценета, особено имајќи предвид дека станува збор за мултиетничко општество кое заеднички работи кон иста цел.
Андреја Рихтер, поранешна министерка за култура на Словенија и директорка на Форумот на словенски култури истакнала дека културата не е само поим, туку темел на демократијата во секоја држава. Осврнувајќи се на искуството на Словенија, таа посочила дека преминот од централизација кон децентрализација, како и зголемената автономија на уметниците и граѓанскиот сектор, придонеле за успешниот европски пат на државата.
Поранешниот министер за економија и одржлив развој на Хрватска, Давор Филиповиќ нагласил дека потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу македонскиот и хрватскиот премиер во Охрид претставува силна порака за поддршката што Хрватска ѝ ја дава на Македонија во процесот на евроинтеграции. Тој се осврнал и на предизвиците што ги носи вештачката интелигенција, посочувајќи дека според последните истражувања во Хрватска, околу 1.500 работни места би можеле да бидат заменети со вештачка интелигенција. Сепак, како што нагласил, она што технологијата не може да го замени се културниот дијалог и општествената кохезија.
Каталин Анамарија Боѓај, претседателка на Националната комисија на УНЕСКО на Унгарија и претседателка на 36. Генерална конференција на УНЕСКО посочила дека во услови на поларизација културата претставува клучен ресурс за надминување на општествените поделби. Според неа, културата е присутна во секоја пора на општеството и претставува неизоставен дел од секој општествен процес.
Амбасадорката на добра волја на УНЕСКО за културна дипломатија, Хедва Сер истакнала дека нашата држава претставува пример за градење мостови преку културните различности. Таа нагласила дека културата мора да добие свое значајно место во меѓународниот дијалог, додавајќи дека почитувањето на секоја култура придонесува за поправеден и похуман свет.
Станко Благојевиќ, вршител на должност помошник-министер за меѓународни односи и европска интеграција на Република Србија во областа на културата говореше за концептот на „мека“ и „тврда“ моќ. Според него, меката моќ се темели на почитта кон личноста и делото, додека тврдата моќ произлегува од чувство на притисок. Тој нагласил дека суверенитетот му припаѓа на народот и дека претставувањето на значењето на културата е заедничка одговорност.
Пратеничката и членка на Комисијата за култура и туризам, Велика Стојковска-Серафимовска истакнала дека културата е длабоко вкоренета во секој човек преку традицијата, која претставува темел на културниот идентитет. Таа нагласила дека живееме во држава која што е богата со културни различности и дека во изминатите години се покажува високо ниво на почитување и на сопствената и на другите култури и обичаи.
Бејџан Иљас, пратеник и член на Комисијата за култура и туризам посочил дека во државата живеат различни народи со заедничка иднина, при што улогата на државата е да се грижи за културата и културното наследство. Тој истакнал дека токму културата има клучна улога во справувањето со глобализациските предизвици.
На крајот од настанот, претседателот Гаши им се заблагодарил на сите учесници за нивните излагања и мислења, истакнувајќи дека Собранието и во иднина ќе продолжи да поддржува вакви иницијативи и настани.
МИА
Фото: Собрание

Македонски


