
Германското сојузно обвинителство издејствува апсење на уште еден осомничен во врска со истрагата за наводна набавка на оружје за Хамас.
Како што пренесе ДПА, станува збор за маж уапсен од страна на данската полиција во близина на Копенхаген, соопштија денеска германските обвинители.
Данската полиција го уапсила данскиот државјанин во средата, соопшти највисокиот обвинителски орган во Германија. Тој е осомничен за набавка на оружје за планирани напади на Хамас и набрзо треба да биде екстрадиран во Германија.
Обвинителите го товарат Данецот за членство во странска терористичка организација, планирање на тешко насилство што ја загрозува националната безбедност и за кршење на Законот за оружје.
Тој се сомничи дека минатиот јули му предал пет пиштоли и муниција на друг обвинет, кој потоа го предал огненото оружје на трет обвинет со цел да биде транспортирано во Виена.
Случајот е поврзан со истрагата против повеќе лица осомничени како членови и поддржувачи на Хамас, која беше покрената од највисокиот обвинителски орган во Германија.
Во изминатите месеци, на барање на германските обвинители, беа уапсени неколку лица обвинети за транспорт и складирање оружје во име на палестинската екстремистичка група Хамас.
Истражителите веруваат дека осомничените биле вклучени во планирање напади на Хамас врз израелски или еврејски цели во Германија и во Европа.
МИА

Македонски


