
Секоја земја, вклучувајќи ја и Украина, има право и обврска да го брани својот територијален интегритет и независност, но Унгарија очекува унгарското малцинство во Украина да ги добие основните права пред отворањето на новата етапа во односите меѓу двете земји, изјави денеска премиерот на Унгарија, Петер Маѓар, наведувајќи дека тоа е и клучен услов на Будимпешта за почеток на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Украина.
– Секоја земја, вклучувајќи ја и Украина, има право и обврска да го брани својот територијален интегритет и независност. Имаме унгарско малцинство кое живее во Украина и нема основни права. Во Централна Европа во 2026 година! Зборуваме за правото на јазик, култура и административна автономија. Повеќе од 100.000 Унгарци живеат во Закарпатје без основни човекови права – наведе унгарскиот премиер во интервју за „Ржечпосполита“.
Како што истакна, владата на Унгарија сепак е подготвена да отвори ново поглавје во односите со Украина, со напомена дека пред тоа унгарското малцинство во Украина мора да ги добие „основните права“.

– Се договоривме со Украинците да почнеме разговори на техничко ниво. Преговорите почнаа и ќе видиме како ќе се одвиваат. Ако дадат резултати, ќе преговараме на повисоко ниво. Ако и тие разговори бидат успешни, ќе се сретнам со украинскиот претседател Володимир Зеленски во еден од градовите во Закарпатје за да отвориме нова етапа во нашите односи – појасни Маѓар.
На прашањето дали тоа е услов за Унгарија да се согласи за отворање на пристапните преговори меѓу Европската Унија и Украина, Маѓар одговори потврдно и нагласи дека тоа е „услов без кој не се може“.
– Првото поглавје од пристапните преговори се однесува токму на владеењето на правото и демократијата. Ако некој сака да пристапи во европскиот клуб, мора да ги почитува тие права. Тоа не е ништо тешко ниту комплицирано – заклучи претседателот на владата на Унгарија

Македонски


