Skip to main content

Третина од јапонските компании ќе користат роботи место работници

Според истражувањето спроведено од компанијата за истражување на пазарот „Никеи рисрч“ (Nikkei Research), третина од јапонските компании користат или размислуваат за воведување роботи со вештачка интелигенција, при што транспортниот сектор се издвојува како најнапреден. Во анкетата биле опфатени голем број компании во Јапонија, од кои четири проценти веќе активно користат ВИ, а други пет проценти од фирмите планираат нивно воведување во блиска иднина.

Околу 25 проценти од испитаниците изјавиле дека во моментов ја разгледуваат можноста за примена на вакви технологии, што укажува на растечки интерес, но и на различни нивоа на подготвеност за нивна интеграција. Најголема примена и интерес се забележани во транспортната индустрија, каде што дури 80 проценти од компаниите или веќе користат или планираат да користат ВИ-роботи. Од друга страна, секторот на трговија на големо покажува значително помала подготвеност, при што дури 94 проценти од компаниите во овој сектор немаат конкретни планови за воведување нови технологии.

Според владата на Јапонија, воведувањето на роботите може значајно да придонесе за зголемување на работната сила, како и за зачувување на позицијата на државата како еден од водечките светски производители на индустриски роботи. Во Јапонија се наоѓаат некои од најголемите светски компании во оваа индустрија, меѓу кои се „Фанук“ (Fanuc), „Јаскава електрик“ (Yaskawa Electric) и „Кавасаки хеви индустрис“ (Kawasaki Heavy Industries). Истовремено, државата се соочува со зголемена конкуренција од Кина и од САД во развојот на автономни роботски системи базирани на вештачка интелигенција.

Истражувањето покажало дека, меѓу компаниите кои веќе користат или планираат да користат роботи, 71 процент ги применуваат во производствените процеси, 19 проценти во работи со зголемен ризик, додека 11 проценти ги користат за услуги на клиентите. Анкетата опфатила и ставови поврзани со владините насоки за поефикасно користење на финансиските средства во корпоративниот сектор. Околу 60 проценти од испитаните компании сметаат дека одлуките за користење на средствата треба да останат во надлежност на самите фирми, додека 44 проценти истакнале дека големината на средствата треба да биде земена предвид при креирањето на политиките.

Притоа, податоците покажуваат дека јапонските компании со капитал поголем од околу 6,5 милиони евра (една милијарда јени) поседувале околу 550 милијарди евра (83 трилиони јени) во готовина и во депозити во 2024 година, што претставува зголемување за 54 проценти во споредба со пред десет години.

Оттука се отвора прашањето дали зачуваните средства би можеле поефикасно да се користат за поттикнување на економскиот раст и за зголемување на платите во државата.

Поврзани вести