
Две лица загинаа во напад со дрон врз градот Сизрањ во руската Самарска област, лоциран на реката Волга, соопшти локалниот гувернер, а Украина исто така извести за двајца загинати во текот на ноќните напади.
Во Сизрањ се наоѓа голема нафтена рафинерија, оддалечена околу илјада километри од границата со Украина. Гувернерот на Самарската област, Вјачеслав Федоришчев, во својата објава на апликацијата „Телеграм“ не прецизира дали има оштетувања на објектот.
Истовремено, уште три лица се повредени во напад со беспилотно летало во рускиот град Шебекино и околината, во Белгородската област, која граничи со Украина, соопштија тамошните власти на „Телеграм“.
Од друга страна, во Украина две лица загинаа откога Русија ги нападна Черниговската област на руската граница и југоисточната Днепропетровска област, објавија службите за итни случаи, додавајќи дека неколку луѓе се повредени.
Мировните напори за завршување на војната, која почна со руската инвазија врз Украина во 2022 година, во моментот се во застој, а двете страни редовно разменуваат напади, вклучително и удари врз енергетската инфраструктура.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање истакна дека неодамна имало продуктивни контакти со САД, кои се обидуваат да посредуваат во преговорите за прекин на војната.
Ако во претстојните недели успееме да ја обновиме значајната тристрана комуникација и да ги вклучиме Европејците, тоа би бил вистински резултат. Нашата страна е подготвена за такви чекори. Сметам на тоа дека и нашите партнери ќе бидат подготвени, а Русите нема да се кријат – порача Зеленски.(МИА)

Македонски


