Skip to main content

Битола се подготвува за најмасовната детска трка во Македонија

На 13 јуни, по четврти пат, “Мини Трчај бе“ ќе ги претвори Шеталиштето и Градскиот парк во Битола во сцена за илјадници мали растрчани детски чекори, насмевки, и незаменлива енергија на најмладите жители на градот и деца гости од соседните градови. Со учесници од 4 до 12 години, „Мини Трчај бе“ денес прераснува во најмасовната и најведрата детска трка во Македонија, а организаторите се надеваат дека годинашното издание повторно ќе ги надмине рекордните бројки од претходните години.

Под слоганот „Градот во детски режим“, овогодинешната кампања носи целосно нов визуелен идентитет зад кој стои тимот на Monday, како и бројни новини и изненадувања за учесниците, со јасна цел што повеќе деца да се тргнат од пред мобилните телефони и повторно да се вратат на играта, движењето и вистинската убавина да се биде дете.

Децата природно трчаат. Тоа е нивниот најискрен начин на движење и игра. Наша задача е да создадеме простор каде што таа енергија ќе расте. Битола и атлетиката отсекогаш биле поврзани на многу начини, а оваа трка е мал расадник на идни спортисти, но и на генерации кои ќе учат да живеат активно и здраво,“ велат организаторите.

Тие додаваат дека ретко кој град има привилегија да поседува ваква комбинација од парк, шеталиште и атмосфера на убав град, што овозможува „Мини Трчај бе“ да биде многу повеќе од спортски настан, вистински фестивал за деца и семејства.

„Мини Трчај бе“ и оваа година ќе има и хуман карактер. Дел од средствата од котизациите ќе бидат наменети за набавка на спортска опрема за битолските училишта, а донацијата ќе биде реализирана во деновите пред да се одржи трката. Ќе бидат исто така донирани и стартнини за деца од семејства кои припаѓаат на категоријата ранливи групи.

Пријавите за „Мини Трчај бе“ 2026 се веќе отворени, а сите информации се достапни на официјалните канали на „Трчај бе“.

Поврзани вести