
Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Патување низ хармонија и надеж“ од Илина Арсова.
Во изминатите пет години, Арсова ја истражува уметноста не само како алатка за изразување или документирање, туку и како истражувачка метода. Потпирајќи се на своето етнографско истражување на Боливиските Анди, таа ги бележи емоциите, доживувањата и искуствата, користејќи ја уметноста како начин на размислување и спознавање. Ликовниот израз служи и како визуелен дневник, интерпретирајќи приказни од локални заедници, нагласувајќи древни филозофии кои ја величат поврзаноста меѓу човекот и природата.
Во тој контекст, проектот „Патување низ хармонија и надеж“ се јавува како интердисциплинарно истражување на единството, емпатијата и коегзистенцијата, поканувајќи ја публиката не само да набљудува, туку и активно да учествува. Преку визуелна уметност, дијалог и интеракција, хармонијата се појавува како жив процес, кој ја преобразува различноста во поврзаност, а коегзистенцијата во надеж.
Илина Арсова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2005 година, во класата на Јован Шумковски и Рубенс Корубин. Истата година станува член на ДЛУМ, каде активно изложува веќе две децении. Нејзината уметност е инспирирана од природата, планините и искуството на движење во екстремни услови, со порака за подигнување на еколошката свест и промовирање на социјална правда. Има реализирано 20 самостојни изложби и учествувано на бројни групни изложби во земјата и странство. Авторка на научни трудови и три книги: Планинарење (2020), Седумте (2021) и детската книга Највисокиот врв (2023). Во 2025 докторира на Универзитетот во Тенеси во областа на социокултурни студии во спортот.

Македонски

