Skip to main content

Министрите и понатаму може да имаат двојни државјанства, власта не ги поддржа измените

Владејачкото мнозинство во Собранието не ја поддржа потребата од измени на Законот за Влада со кои министрите би можеле да имаат исклучиво македонско државјанство. Предлогот, поднесен од СДСМ по скратена постапка, доби поддршка од 20 опозициски пратеници, без гласови „против“ и „воздржани“. За време на гласањето, во собраниската сала се слушало и мјаукање.

Образложението на предлог-законот го даде координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој посочи дека иницијативата е поврзана со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ пратениците да имаат само македонско државјанство.

– Пратеничката група на СДСМ предложи законот да биде компатибилен со законското решение за пратеници, односно членовите на Владата да имаат само едно државјанство, државјанство на Македонија – изјави Спасовски.

Тој оцени дека доколку за пратениците се бара да имаат исклучиво македонско државјанство, тогаш истото правило треба да важи и за членовите на Владата.

– Ако пратениците во македонското Собрание можат да бидат исклучиво државјани на Република Македонија, тогаш сходно на тоа треба да имаме и вакво законско решение со кое практично ќе се ограничи само државјани на Република Македонија да можат да бидат избрани за членови на Владата – рече Спасовски.

Во своето излагање тој посочи дека во актуелниот владин состав има министри со повеќе државјанства, при што конкретно ја спомена министерката за енергетика, Сања Божиновска.

– Сега гледаме бугарски државјанства, чешки државјанства и така натаму, тоа е нешто што го имаме официјално за членовите на Владата и што е потврдено и пред Собранието, зборувам конкретно за министерката за енергетика Сања Божиновска – изјави Спасовски.

И покрај очекувањата на СДСМ дека владејачкото мнозинство ќе го поддржи предлогот, потребата од законските измени не доби зелено светло во Собранието, објави Скопје1.мк.

Поврзани вести