Skip to main content

Моди: Индија е подготвена да ја даде целата можна поддршка за мир на Блискиот Исток

Моди на Фејсбук

Индија е подготвена да ја даде целата можна поддршка за постигнување мир на Блискиот Исток“, изјави индискиот премиер Нарендра Моди за време на средбата со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, пренесе индиската национална новинска агенција ПТИ.

ОАЕ се првата станица од меѓународната турнеја на Моди, која вклучува и четири европски држави.

Ги осудуваме нападите врз ОАЕ. Начинот на кој ОАЕ беа нападнати е недозволив. Но, начинот на кој ОАЕ се справија со ситуацијата и покажаната воздржаност од нивна страна се достојни за пофалба“, изјави индискиот премиер на почетокот на средбата со Ал Нахјан, во чија земја е сместена важна американска воена база, која беше цел на воздушни удари по масовните американко-израелски напади врз Иран.

Индискиот премиер истакна дека последиците од конфликтот на Блискиот Исток се чувствуваат во целиот свет и додаде дека „Индија е подготвена да ја обезбеди целата можна поддршка за постигнување мир“.

Моди беше пречекан на аеродромот од Ал Нахјан со воена почесна гарда.

Изразувам благодарност до мојот брат шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан за неговиот љубезен гест да ме пречека на аеродромот во Абу Даби“, напиша Моди на Х.

ОАЕ, каде што живеат над 4,5 милиони Индијци, се третиот по големина трговски партнер на Индија и седмиот по големина извор на инвестиции во последните 25 години.

Откако ќе ја заврши посетата на ОАЕ, Моди ќе ја почне европската турнеја која ги вклучува Холандија, Шведска, Норвешка и Италија. Во јануари, Индија и ЕУ склучија историски договор за слободна трговија, кој индискиот лидер го нарече „мајка на сите зделки“. 

Поврзани вести