Skip to main content

Општина Берово ќе наградува ученици и ментори за успеси на државни и меѓународни натпревари

 Советот на Општина Берово го усвои Правилникот за наградување на ученици и ментори кои оствариле значајни резултати на државни и меѓународни натпревари, индивидуално или групно.

Со донесувањето на Правилникот, локалната самоуправа ја потврдува својата заложба за поддршка, мотивирање и поттикнување на младите таленти, како и за вреднување на трудот, знаењето и посветеноста на нивните ментори.

Од Општината информираат дека Правилникот има за цел да обезбеди дополнителна мотивација за учениците да продолжат со постигнување врвни резултати во различни области, но и да ја афирмира важноста на образованието, знаењето и вложувањето во младите генерации.

Преку оваа мерка се испраќа јасна порака дека трудот, успехот и посветеноста, и на учениците и на менторите, заслужуваат признание и поддршка од локалната заедница“, посочуваат од Општина Берово.

Согласно усвоениот Правилник, ќе се доделуваат парични награди за освоени први, втори и трети места на државни и меѓународни натпревари, организирани од акредитирани здруженија на наставници, за индивидуални и групни натпреварувања.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека со оваа одлука продолжуваат активно да вложуваат во образованието, успехот и развојот на младите, создавајќи дополнителна мотивација за постигнување врвни резултати и афирмација на општината на државно и меѓународно ниво.

Општина Берово најавува дека и во иднина ќе продолжи со креирање мерки и политики насочени кон поддршка на учениците, наставниот кадар и развојот на квалитетното образование, како еден од најважните столбови за иднината на локалната заедница. 

Поврзани вести