
Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска побара од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на граѓаните за, како што наведе, „изгубените години, за сите навреди што ги претрпеа оние што го поддржуваа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за оние што веруваа во Европската Унија, за многумина кои поради евроскептицизмот и оваа лажна кампања ја напуштија земјата и се иселија“.
Според него, оние кои го обвинуваа СДСМ дека е предавничка партија поради Преспанскиот договор, не само што не се откажаа од него, туку и го признаваат.
Филипче, на прес-конференција кажа дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова со изјавата за Преспанскиот договор, признала дека ВМРО со години ги лажела граѓаните за идентитетот и Преспанскиот договор.
– Гордана Силјановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори Македонија. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. И што сега се случи? Претседателката Гордана Сиљановска Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачува македонскиот национален идентитет. – рече Филипче.
Тој порача дека Преспанскиот договор не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува.
– Во Преспанскиот договор нема ништо што го загрозува нашиот национален идентитет, напротив, го зајакнува. И ние во СДСМ сме горди на тоа, а денес треба да бидат горди сите наши граѓани кои досега беа лажени – рече Филипче.
Што се однесува за внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија – Филипче вели дека тоа е барање на Европската Унија, а не на Бугарија, како што ВМРО сака да го прикаже – и тоа не е предавство.
– Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија. И да се вратам на проблемот со Бугарија и уште еднаш да објаснам зошто внесувањето на малцинствата, конкретно бугарското, никако не е ризик за нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно. Бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави, со ова паѓа во вода. Од тој момент, кога Бугарите ќе бидат внесени како малцинство во Уставот, се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Се руши целата пропаганда дека нема посебен македонски народ – рече Филипче.
Забележа дека со уставните измени, го зајакнуваме – не го слабееме, ниту го ризикуваме – нашиот национален идентитет.
– Тие не само што не го вратија старото име, туку секојдневно, на официјалните состаноци, како што ни кажуваат странските партнери со кои се среќаваат, во затворен дел го користат уставното име „Македонија“. И каде е сега предавството? И ова не е политика. Ова е чиста измама на сопствениот народ. Време е оваа организирана група на Христијан Мицкоски и ВМРО да им се извини на граѓаните за годините лаги и токсични поделби во општеството. Време е да престанат со театарот и да ја продолжат политиката на европска иднина. Доколку не сакаат, а не сакаат поради нивните бизниси, нека си заминат, забележа Филипче.
Затоа, како што кажа, јавно го повикува Христијан Мицкоски, да излезе и да им се извини на сите граѓани на Македонија во свое и во име на неговата партија.

Македонски


