
Венко Филипче, денеска на прес-конференција му забележа на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски дека првин ја премолчел средбата со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, а кога информациите излегле во европските медиуми, рекол дека тоа било само кратка размена на зборови.
– Повторно видовме како функционира дипломатијата на ВМРО. Прво, Тимчо Муцунски премолче дека имал средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Потоа, кога информациите излегоа во европските медиуми, рече дека тоа било само кратка размена на зборови. Но, најважно е каква е пораката на министерката од Бугарија, а која Тимчо Муцунски и Христијан Мицкоски ја скрија од јавноста. Ќе цитирам: „Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и, ако тие не го искористат, навистина може да изгубат.“ Што значи ова? Бугарија потврдува дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско. Тоа е услов на Европската Унија, а не на Бугарија. Европско, а не билатерално прашање – рече Филипче.
Тој додаде дека високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, вчера исто така упатила порака дека Брисел е подготвен да ги поддржи земјите од регионот, но дека во исто време се очекуваат и реформи, а еврокомесарката за проширување Марта Кос порачала дека има место во Европската Унија за сите земји од Западен Балкан, но дека успехот зависи од спроведените реформи на земјите кандидати.
– И сите овие пораки доаѓаат во еден ден. И тоа е токму она што ние го говориме повеќе од една година. А Мицкоски и Муцунски продолжуваат да ги лажат македонските граѓани. Исто како што историската комисија работи далеку од очите на јавноста цела година. Првин ја кријат средбата, потоа ја минимизираат. Потоа создаваат вештачки конфликт за да се скрие вистината. Уште колку лаги се потребни? Уште колку спинувања? Уште колку блокирање на европскиот пат за да ја заштитат својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата? Уште колку лажни вести пласирани од страна на ВМРО, Орбановите медиуми, фармите на тролови и ботови? Што беше тоа дека ќе го вратат името, дека ќе го поништат преспанскиот договор? Гласаа против, а сега министерот Муцунски гостува на „Евроњуз“ и кажува колку членството во НАТО било позитивна стратешка одлука за иднината на државата и за креирање клима за инвестиции. Вакво разобличување на уште една нивна лага, на ваков европски канал, досега немало. Луѓето што беа против НАТО, што беа против преспанскиот договор, луѓето што ветуваа дека ќе го поништат преспанскиот договор и ќе го вратат името, денес го фалат членството во НАТО – изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ истакна дека нема поголем патриотизам од признавање и потврдување на македонскиот идентитет и јазик во рамките на ЕУ, како и дека власта кажува лаги и за малцинствата, кои, како што рече, се европско прашање и го јакнат македонскиот идентитет.
Тој додаде дека без тоа нема продолжување на преговорите со ЕУ и нагласи оти смета дека реформите, правдата и Европа е вистинскиот пат напред за државата и за граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека тој е на страната на европска Македонија, а вистински интерес за граѓаните е да продолжат реформите и да се отворат преговорите со ЕУ, а тоа, додаде, се постигнува со уставните измени.
– И кога велиме дека граѓаните беа манипулирани, тоа го потврдуваат и анкетите. Иако 80 проценти од граѓаните се за ЕУ, многу мал процент се за внесување на Бугарите во Уставот. Зошто, кога тоа не претставува никаков ризик? Зошто, кога тоа никако не го загрозува нашиот македонски идентитет? Тоа беше само дел од лажната кампања на ВМРО, организирана криминална група водена од Христијан Мицкоски, за да дојдат на власт. Дел од таа кампања беше и кампањата против преспанскиот договор. А еве сега министерот Муцунски го фали – додаде Филипче.

Македонски



