
За предвремени избори сум и нема веќе да бидам дел од „Вреди“ – истакна денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани коментирајќи ја синоќешната фејсбук-објава „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите! Набргу ќе ви овозможам да се покажете“.
– Тоа беше реобјава на објава од еден портал што го објавил ова, јас само потврдив дека сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен „Вреди“. Колку побргу се одржат, толку подобро ќе биде за земјата, за нејзиниот економски развој и во исто време за освежување и во рамките на „Вреди“ и во рамките на кој било друг политички субјект или структура – рече Лимани.
Прашан на следните избори како дел од која политичка структура ќе учествува, Лимани нагласи дека нема да биде дел од „Вреди“.
– Во „Вреди“ нема да бидам. Ќе видиме каде ќе бидам – рече тој.
На новинарско прашање дали е министер на „Вреди“ или на ВМРО-ДПМНЕ, Лимани одговори дека тој е министер на сите граѓани во земјата.
– Јас сум министер на сите граѓани на оваа земја и ќе се обидам да им помогнам во сите аспекти што ми ги дозволува Министерството за социјална политика – рече Лимани.
Во врска со предлогот на ФЗО за продолжување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци, министерот Лимани истакна дека тоа се политики за кои нема конечна одлука.
– Тоа се политики што се во тек и се обидуваме заедно со целиот кабинет на премиерот да донесеме конечна одлука. Конечна одлука немаме – потенцира Лимани.

Македонски




