Skip to main content

Андоновски: Околу 120% раст на трансакции на платформата за интероперабилност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на отворањето на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, што се одржува во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители, под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“.

Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска промена во начинот на кој државата, бизнисот и граѓаните комуницираат меѓу себе. Тој нагласи дека целта е помалку хартија, помалку шалтери, помалку повторување на исти податоци и значително помалку изгубено време за граѓаните и компаниите.

За бизнисот, дигиталната трансформација значи побрзи постапки, пониски административни трошоци, помалку неизвесност и повеќе време за работа, инвестиции и развој. Бизнисот не треба да биде курир помеѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите – порача Андоновски.

Министерот посочи дека платформата за интероперабилност е еден од клучните механизми преку кои институциите се поврзуваат, нивните системи меѓусебно комуницираат, а податоците што веќе постојат во една институција можат, согласно закон и со соодветна заштита, да се користат од друга институција.

Во тој контекст, Андоновски информираше дека е забележан околу 120% раст на трансакциите на платформата за интероперабилност, што, според него, покажува дека институциите сè повеќе ги користат дигиталните канали за размена на податоци и дека системот постепено станува реална поддршка за поефикасна администрација.

Интероперабилноста не е само технички проект. Таа е економска мерка, мерка за подобра деловна клима и начин да им помогнеме на компаниите да бидат попродуктивни, а институциите побрзи, попрецизни и поодговорни – истакна министерот Андоновски.

Тој додаде дека секое намалување на административниот товар директно ја олеснува работата на сметководителите и на компаниите што тие ги поддржуваат, имајќи предвид дека нивната секојдневна работа е поврзана со рокови, документи, извештаи, финансиски податоци, даночни обврски, регистрациони постапки и комуникација со повеќе институции.

Посебен акцент во обраќањето беше ставен и на Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, кој, како што истакна Андоновски, треба да биде централна точка преку која граѓаните и компаниите ќе можат полесно, побрзо и појасно да пристапуваат до услугите што ги нудат институциите.

Националниот портал не треба да биде само дигитална табла со услуги. Тој треба да биде влезна врата кон поинаква јавна администрација — администрација ориентирана кон корисникот, кон поедноставување на постапките и кон реална услуга – рече Андоновски.

Министерот го поздрави фактот што ИСОС, како професионална организација, активно ја користи платформата за интероперабилност, но и услугите од Националниот портал како дигитална платформа за пристап до услугите што ги нуди за своите членови. Тој оцени дека тоа е позитивен пример што треба да биде поттик и за други организации и институции да ги дигитализираат своите услуги и да ги направат подостапни за корисниците.

Дигитализацијата има вистинска вредност само тогаш кога граѓаните и компаниите ќе ја почувствуваат во секојдневието — кога една услуга ќе се заврши побрзо, кога нема да се бара документ што веќе постои во друга институција и кога компанијата ќе може да се фокусира на раст, наместо на бирократски лавиринти – нагласи Андоновски.

Министерот Андоновски порача дека сметководителите имаат клучна улога во процесот на дигитална трансформација, бидејќи токму тие најдобро знаат каде процедурите се сложени, каде се повторуваат податоците и каде дигиталните решенија можат да донесат најголема корист.

Нашата цел е јасна: дигитални услуги што навистина функционираат, институции што меѓусебно разменуваат податоци, процедури што се пократки и поедноставни, и држава што е партнер на бизнисот, а не пречка во неговото работење –порача министерот за дигитална трансформација.

Андоновски заклучи дека дигиталната трансформација не е избор, туку неопходност, но дека таа мора да биде паметна, безбедна, инклузивна и насочена кон конкретни резултати.

Не ни е потребна дигитализација што само ќе ја преслика бирократијата во електронска форма. Ни треба дигитализација што ќе ја намали бирократијата – истакна Андоновски.(МИА)

Поврзани вести