
Во денешното рочиште од големиот судски процес против 35 обвинети за трагичниот пожар во кочанското диско „Пулс“ на 16 март 2025 година, сведочеше доктор Александар Станков, вешто лице од Институтот за судска медицина, кој изнесе клучни наоди од вештачењето.
Станков пред судот објасни дека во моментите на пожарот температурата во објектот достигнала околу 700 степени Целзиусови, што, како што нагласи, е приближно ниво на температура во крематориум.
По оваа изјава, во судницата настанала силно емотивна реакција кај дел од присутните родители на жртвите – дел од нив ја напуштиле просторијата, додека останатите реагирале со тешки воздишки и тивко плачење.
Во своето сведочење, вештакот ги отфрли тврдењата на одбраната дека смртните исходи биле резултат и на други фактори, како алкохол или дополнителни токсични влијанија, освен јаглерод моноксид.
Тој истакна дека јаглерод моноксидот претставува најчест и најопасен отров во затворени запалени простории, кој многу брзо ја исполнува околината и доведува до задушување.
„Во вакви случаи се јавува комбинација од вдишување на топол воздух, чад и цијаниди, но тие фактори само го засилуваат ефектот на задушување. Основниот и доминантен причинител за смртта е јаглерод моноксидот“, нагласи Станков.
Тој појасни и дека цијанидот влијае на блокирање на преносот на кислород во клетките, но дека неговото присуство не е одлучувачко за смртниот исход.
„Кај дел од жртвите воопшто не е детектиран цијанид, а кај други е во концентрации кои се среќаваат и кај општата популација. Доколку цијанидот беше доминантен фактор, бројот на жртви ќе беше значително поголем“, додаде тој.
Одговарајќи на прашање од обвинителството дали навремена кислородна поддршка би можела да спаси животи, вештакот беше дециден дека тоа не би имало ефект.
„Апликацијата на кислород во вакви случаи не би дала резултати. Кај дел од пациентите кои биле ставени на кислородна поддршка пред смртта, таа не влијаела на исходот“, изјави Станков.
Според презентираните обдукциски наоди, најголем дел од жртвите починале од насилна смрт како резултат на труење со јаглерод моноксид. Кај дел од случаите се констатирани и други механизми на смрт – четири лица починале од притисок врз градниот кош, додека три жртви загинале поради целосен недостиг на кислород во околината.
Во извештаите за три лица кои починале за време на лекување, исто така е утврдена насилна смрт како последица на акутна респираторна слабост предизвикана од интоксикација, додека кај една жртва смртта настапила од тешки изгореници од трет степен на главата и телото.

Македонски



