
Издавачката куќа „Бата прес“ објави три нови книги кои беа промовирани на Саемот на книгата: романот „Констелациски шепот“ од младата авторка Марија Ралповска, поетската книга „Од горе видов обоена темнина“ од Филип Георгиевски и „Речникот на синоними во македонскиот јазик“, објавен минатата година.

„Речникот на синоними во македонскиот јазик“, дело на универзитетските професори д-р Снежана Веновска-Антевска и д-р Толе Белчев, го промовираше универзитетскиот професор д-р Максим Каранфиловски во Промотивниот центар.
Новиот роман на Марија Ралповска е криминалистичка приказна исполнета со мистерии, морални дилеми и неочекувани пресврти. Делумно навлегува и во научнофантастични мотиви, а веќе е препознатлив кај младата читателска публика. Главниот лик Валерија е поврзана со легендата за Астравис – мистична стрела што отвора портал кон други светови. Нејзината задача е да открие дали легендата е мит или вистина што може засекогаш да го промени светот. Авторката се дружиеше со читателите и потпишуваше книги на штандот на „Бата прес“.

Поетската книга на Филип Георгиевски, „Од горе видов обоена темнина“ претставува поетска трилогија што ги надминува рамките на класична збирка поезија. Делото функционира како филозофска визија, духовна исповед и уметничка катарза – универзален повик да се погледне во темнината и да се пронајде светлината што таму трепери.

Објавувањето на трите дела е поддржано од Министерството за култура и туризам како изданија од национален интерес во областа на литературата и издавачката дејност, информира „Бата прес“.

Македонски


