Skip to main content

Во Гостивар се зборуваше за ко-креирање на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026 – 2028

Повеќе претставници на невладини организации од Гостивар, локални граѓански организации, медиуми имаа средба на која разговараа за процес на ко-креирање на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026 – 2028 (НАП7).

Ова е последен од серијата настани кои ги организира Министерството за јавна администрација во соработка со Фондација Метаморфозис и Центар за граѓански комуникации.

Националниот координатор за Партнерството за отворена власт, Гордана Гапиќ Димитровска посочи дека оваа иницијатива е со повеќе од 15 години традиција во нашата земја и дека на секои две години се креираат конкретни активности и мерки чија крајна цел е задоволни граѓани.

Ова е еден уникатен процес каде што од бел лист хартија, заедно со граѓанските организации, со граѓаните и нивните идеи го создаваме акцискиот план. Знаеме дека насоките ќе бидат во делот на антикорупција, дигитализација, климатски промени, граѓански простор … Тоа се темите на коишто ќе дискутираме, но некаде веќе во јуни месец оваа година би го имале првиот нацрт. Тогаш ќе можеме да зборуваме за конкретни мерки чијашто имплементација ќе можеме да ја видиме во наредниот период“, рече Гапиќ Димитровска

Настанот кој се одржа во Граѓанскиот ресурсен центар во Гостивар беше можност присутните да се запознаат со значењето и придобивките од процесот на Партнерството за отворена власт, како и со пристапот, чекорите и временската рамка за подготовка на новиот седми Национален акциски план.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, како конкретна активност ја посочи можноста граѓанските организации и институциите да видат кои услуги можат да бидат достапни онлајн, а не се достапни или се полудостапни.

Може да аплицирате онлајн, меѓутоа документот да го земете физички. Токму во таа насока е и ова што го овозможува овој план – уште повеќе да станат подостапни или целосно да се дигитализираат услугите. Особено ова е битно на локално ниво каде што се дисперзирани некои општини, имаат и села и населени места, па не можат сите секој ден да доаѓаат во општините коишто се секогаш во центарот за да ги добиваат услугите“, рече Филков.

Средбата е во рамки на проектот „Заедно за Партнерство за отворена власт: Поддршка на процесот на имплементација и дизајнирање на иднината“ финансиран од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт.

Поврзани вести