Skip to main content

20 години од смртта на режисерот и филмски автор Димитрие Рули Османли и 65 години од снимањето на „Мирно лето“

Во петок, на 30 октомври, со почеток во 19:00 часот, Кинотеката на Македонија ќе одбележи две значајни годишници од историјата на македонската кинематографија: 20 години од смртта на режисерот и филмски автор Димитрие Рули Османли и 65 години од снимањето на „Мирно лето“ (1961), првата македонска филмска комедија и првиот филм во македонската кинематографија режиран од македонски филмски автор.

Освен „Мирно лето“, во рамките на програмата ќе бидат прикажани и документарниот филм „Девојките од Мали“ (1963), како и Филмските журнали бр. 4 и бр. 6 од 1946 година, исто така во режија на Османли, кои претставуваат драгоцено сведоштво за времето и за развојот на филмската продукција во Македонија.

Димитрие Османли е автор и на редица други значајни остварувања во македонската играна и документарна продукција. Покрај гореспоменатите, тука се и играните филмови „Мементо“ (1967), „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), како и документарните „Распламтени факли“ (1956), „Афион“ (1962), „Културно богатство во урнатини“ (1963), „Кеј 13 Ноември“ (1964) и наградуваниот „Дванаесетте од Папрадник“ (1965). Неговиот кусометражен игран филм „Бунт на куклите“ (1957) во 2022 година го отвори прочуениот Фестивал на новореставрирани филмови „Ил чинема ритровато” во Болоња, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм прикажан на овој реномиран фестивал. Во 2023 г., пак, на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, „Мементо“ беше прикажан во рамките на југословенската ретроспектива на „црниот бран“ во реномираниот њујоршки Музеј на современа уметност – МоМА каде што режисерската постапка на Османли во овој филм беше споредена со онаа на големиот француски режисер Ален Ренѐ во неговиот култен филм „Хирошима, љубов моја“.

Покрај тоа што е прва комедија, „Мирно лето“, исто така, е и прв македонски филм на современа тема затоа што до 1961 г. играните филмови биле претежно на теми од Втората светска војна. За „Девојките од Мали“, пак, „Вардар филм“ ја добива продуцентската награда на Фестивалот на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград 1964 г.

Пред почетокот на проекциите, на присутните ќе им се обрати директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски, кој ќе се осврне на значењето на творештвото на Димитрие Османли и неговиот придонес во македонската филмска историја.

Со овие проекции, Кинотеката продолжува да ја чува и да ја афирмира македонската филмска меморија, потсетувајќи на авторите, делата и историските моменти што ја обликувале нашата кинематографија.

Поврзани вести