Skip to main content

Чулно тело (движење и интердисциплинарност)-работилница за танц со Искра Шукарова денеска во КСП Јадро

Чулно тело (движење и интердисциплинарност)

Работилница за танц со Искра Шукарова

22 април од 16.30 до 20.00 часот

(од 16.30 – 17.00 ќе се припремаме и запознаваме)

Така да работилницата ќе почне од 17.00 часот и ќе трае до 20.00 часот.

👉Работилницата е отворена и за учесници кои немаат танцово искуство.

👉Бројот на учесници е ограничен, па ве замолуваме да се пријавите само доколку со сигурност може да учествувате !

👉 Краен рок за пријава – 20 април на https://forms.gle/iL9YmDvrthCHDQWx8❗️

Чулно тело (Somatic body / Sensory body) е фасцинантен концепт кој нè повикува да го доживееме светот и самите себе не само преку мислите, туку преку директното искуство на сетилата и движењето. Работилницата ќе се состои од интердисциплинарни пристапи користејќи го телото како медиум развивајќи и пронаоѓајки нови кинестетички симболи, нови можности за телесното изразување при создавањето на играта користејќи ги сетилата.

Ќе користиме и начела и принципи на еден од најпознатите теоретичари Рудолф фон Лабан-основач на германскиот танцов експресионизам кој својата истражувачка дејност ја насочува кон движењето и всушност што телото може да го направи во просторот и времето. Од таквите соочувања со просторот Лабан ги создава просторните алатки кои одредуваат, односно кодифицираат одредени можни форми и насочувања на телото кои овозможуваат вешто да се совладува просторот и да се развие перцепција за различни просторни амбиенти.

Може да земат учество сите оние кои сакаат да се запознаат со интердисциплинарни пристапи со фокус на телото како основна алатка.

Проф. Д-р. Искра Шукарова е редовен професор на катедрата за балетска педагогија при ФМУ – УКИМ и реализра бројни соработки со реномирани интернационални педагози и кореографи. Искра Шукарова последните 10 години користејќи го телото како основен медиум развива интердисциплинарни пристапи соработувајќи со видни кореографи и артисти од светот.Искра Шукарова ги завршила студиите за современ танц на National Conservatorium Superior во Лион, Франција. Во 2002 година магистрирала на Лабан центарот во Лондон, В. Британија. Завршила бројни обуки за танцување со етаблирани уметници. Делата на Шукарова имаат турнеи на регионално и на меѓународно ниво. Била добитник на стипендии како Arts Link и Dance Web. Шукарова била солист во Македонската опера и балет од 1991 година. Таа е една од основачите на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Таа е исто така соосновач и програмски ко-директор на фестивалот за современ танц Локомоушн во Скопје и еден од основачите на Балканската танцова мрежа и проектот НОМАД танцова академија. Членка е и на мрежата Global Practice Sharing од Њујорк. Од 2010 година Шукарова е професор на катедрата за балетска педагогија – современ танц при ФМУ-УКИМ. Во февруари 2014 година докторира на Факултетот за драмски уметности, при државниот универзитет “Кирил и Методиј” во Скопје.

Дел од работилницата ќе биде и Дарја Стоева која е истражувачка и креаторка која работи на пресекот помеѓу технологијата, движењето и човечката перцепција. Дипломира на Универзитетот во Мастрихт, а магистрира роботика со фокус на интеракцијата помеѓу луѓе и роботи на Универзитетот Хериот-Ват во Единбург. Својата академска пракса ја продолжува во Виена, каде работи како асистент на Факултетот за информатика, паралелно развивајќи истражувања и колаборации со трансдисциплинарната група H.A.U.S. (Humanoids in Architecture and Urban Spaces), како главен роботичар и специјалист за интеракција човек–технологија.

Оваа работилница е покана да се доживее просторот преку телото, движењето и звукот. Со помош на 3Д камера-сензор, просторот ќе стане интерактивен инструмент каде со движење и присуство во одредена зона ќе се активира звук. Заедно ќе истражуваме како телото може да „свири“, а просторот да одговара.