
Од почетокот на војната во Газа, во октомври 2023 година, израелските сили привеле над 23.000 Палестинци на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Во извештај објавен денеска од Здружението на палестински затвореници се наведува дека бројките ги вклучуваат сите притворени, без оглед на тоа дали сè уште се во притвор или подоцна биле ослободени.
Ова ги вклучува луѓето уапсени во нивните домови, на воени контролни пунктови, оние кои се предале под принуда и оние за кои се вели дека биле земени како заложници.
Според извештајот, бројот на приведени жени надминал 700, вклучувајќи палестински жени од Израел, Газа и Западниот Брег. Бројот на приведени деца достигнал околу 1.800.
Исто така, се наведува дека повеќе од 240 новинари се приведени од почетокот на војната, од кои 43 сè уште се во притвор, вклучувајќи три новинарки. Еден новинар, Марван Харзалах од Наблус, почина во израелски притвор, објави агенцијата Вафа.
Здружението наведува дека кампањите за апсење биле придружени со сè посериозни кршења на правата, вклучувајќи брутални тепања, заплашување на притворените лица и нивните семејства, широко распространето уништување и вандализам на домовите, конфискација на возила, пари и златен накит, како и обемна штета на инфраструктурата, особено во бегалските кампови во Тулкарм и Џенин.
Во извештајот се наведува и дека дека во некои случаи, апсењата биле придружени со вонсудски убиства, вклучувајќи членови на семејствата на притворените лица, како и интензивни теренски испрашувања што влијаеле на илјадници луѓе низ различни области на Западниот Брег и Појасот Газа.
Извор: МИА

Македонски


