
Американски истражувачи од болницата „Мас џенерал бригам“ (Mass General Brigham) во Масачусетс, со помош на ВИ алатка тестирана на повеќе од 40 милиони фотографии, ќе ја одредуваат моменталната здравствена состојба на пациентите болни од рак. По направената споредба со наодите и возраста на пациентите, се докажала староста на телото, а не нивните години.
Според Хуго Аертс, професор на Универзитетот Харвард и директор на програмата за вештачка интелигенција во медицината при „Мас џенерал бригам“, новиот модел овозможува директна процена на шансите за преживување кај пациентите заболени од рак врз основа на нивните фотографии.
Аертс изјавил дека ова е прва алатка од ваков вид.
Колку што ни е познато, ова е првпат да се покаже дека модел на вештачка интелигенција може директно да го предвиди преживувањето кај пациентите со рак врз основа на обична фотографија – рекол Аертс.
Меѓу другото, истражувачите утврдиле дека и животните навики, како што се прекумерното консумирање алкохол, употребата на дроги и пушењето цигари влијаат врз биолошкото стареење, а најстаро изгледале пушачите.
Рејмонд Мак, вонреден професор по радијациска онкологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот Харвард, изјавил дека истражувачкиот тим бил изненаден од резултатите при различни услови на фотографирање, независно од положбата на телото и главата, осветлувањето, изразот на лицето или употребата на шминка.
Нашата цел е процената на здравствената состојба врз основа на фотографии од лицето да ја направиме поквантитативна, подоследна и применлива во поголем обем, за да може да ги поддржи одлуките за индивидуално лекување, а не да ја замени лекарската процена – објаснил Мак.
Заинтересираните граѓани кои сакаат да ја утврдат својата здравствена состојба, можат да го сторат тоа преку веб-страницата „https://faceage.bwh.harvard.edu“, со поставување на нивна фотографија.
Авторите на студијата нагласуваат дека целта на технологијата не е да ги замени лекарските процени, туку да им помогне при донесување одлуки за време на лекувањето.
Истражувањето е објавено во научното списание „Д ленсет дигитал хелт“.

Македонски

