
Менталното здравје не значи да бидеме постојано среќни, ниту секоја тага, страв или загриженост е знак на психичко нарушување. Но, како да препознаеме кога непријатните емоции се нормален одговор на животните предизвици, а кога се сигнал дека ни е потребна стручна помош? Во време кога сè почесто зборуваме за анксиозност, депресија и трауми, постои опасност да ја патологизираме човечката ранливост, но и да го занемариме страдањето на луѓето кои научиле да функционираат и покрај внатрешната исцрпеност. Некои од нив се успешни на работа, посветени на семејството и секогаш насмеани пред другите, додека тивко се борат со сопствените чувства.
Октомври е месец во кој се подига свеста за менталното здравје. По тој повод, разговаравме со д-р Билјана Симоновска Додева, специјалист психијатар на ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје и асистент на Катедрата за психијатрија и медицинска психологија на Медицинскиот факултет во Скопје.
Во интервју за „Република“ д-р Симоновска Додева, зборува за границата меѓу нормалните човечки реакции и психичките тешкотии што бараат внимание, за луѓето кои ги потиснуваат сопствените потреби за да им угодат на другите и за знаците на страдање што често остануваат незабележани. Таа објаснува зошто навикнувањето на анксиозноста, несоницата и постојаната напнатост не значи дека треба да продолжиме да живееме со нив, како да се надмине стигмата поврзана со психијатриската помош и зошто грижата за менталното здравје треба да почне пред да почувствуваме дека повеќе не можеме да издржиме.
Сè почесто слушаме дека некој е анксиозен, депресивен, емоционално недостапен или трауматизиран. Дали постои опасност секоја непријатна емоција да ја толкуваме како психолошки проблем и како да ја разликуваме нормалната човечка реакција од состојба што бара стручна помош?
Д-Р СИМОНОВСКА – ДОДЕВА: Денес луѓето живеат во време на поголема свесност за менталното здравје, а тоа често носи ризици кон слободни проценки на психичкото функционирање. На пример не е невообичаено да слушнеме како нечие психичко страдање се нормализира со зборовите “биди трпелив, ке помине, ништо не можеш да промениш” или пак како нечии непријатни емоции се психијатризираат, без реална поткрепа за тоа. Не треба да се бара болест во секоја непријатна емоција и во човечката ранливост. Не секоја тага е депресија, не секоја загриженост е анксиозност. Непријатните емоции се дел од човечкото искуство, тие не се знак на слабост, туку често нормална и очекувана реакција во даден момент. Но, доколку тие емоции не губат на интензитет, траат долг временски период, влијаат на соматското здравје и секојдневно функционирање на човекот, тогаш секако е потребна консултација со психијатар, психолог или психотерапевт. Психичкото здравје не значи луѓето да бидат постојано среќни, туку да имаат капацитет да се соочат со животните предизвици и да побараат стручна помош кога тоа е потребно.
Може ли човек да функционира беспрекорно на работа, да се грижи за семејството, да биде насмеан и успешен, а истовремено да се соочува со сериозни психички тешкотии? Кои знаци најчесто остануваат незабележани кај овие луѓе?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Некои луѓе имаат најубава насмевка и најтажна душа во исто време. Тоа се вообичаено луѓе со силни карактерни особини, кои сметаат дека без оглед на нивното внатрешно чувство не треба да застанат. Ретко покажуваат слабост пред другите, но тивко се исцрпуваат обидувајки се да останат силни за надворешниот свет. Може вообичаено да функционираат, грижливи се, одговорни, успешни, посветени и навидум се е во ред. Но ако ги погледнете од поинаков агол, тоа се луѓе што лесно може да избувнат, да се налутат, да се расплачат, често се уморни и исцрпени. Се трудат да држат се под своја контрола или пак се преокупираат со работа како бегство од личната превирања. Не ретко се повлекуваат од социјалната средина, губат интерес и радост за секојдневието, се соочуваат со чувство на тага, празнина, непријатност, склони кон алкохол или психоактивни супстанци (ПАС) како начин за релаксација.

Дали човек може толку долго да ги потиснува сопствените потреби за да им угоди на другите што на крајот повеќе да не знае што навистина чувствува и сака?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Да. Човек кој не знае да постави граници и не знае да каже не, удоволувајки им на другите, ги занемарува своите чувства, потреби и желби. Често пати зад таквото однесување стои потребата за прифаќање, стравот од конфликт, некој е вреден се додека некому е потребен. Но здравите човечки односи не бараат и не подразбираат пожртвуваност и подреденост. Грижата за другите и грижата за себе не се спротивставени и треба да се надополнуваат истовремено.
Денес многумина живеат во состојба на постојана подготвеност за следната обврска, проблем или лоша вест. Може ли организмот да се навикне на стресот до тој степен што човек повеќе и не забележува дека живее во нездрава состојба? Како тоа се одразува врз психата и телото?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Да, организмот има адаптациона моќ и се навикнува на секаков вид стрес по интензитет и времетраење. Но самата навика на стрес, не значи дека не штети. Градскиот и современ живот често е брз и стресен. Луѓето се секогаш во брзање и во недостаток на време. Сето тоа предизвикува фрустрации, вознемиреност, напнатост, конфликтност, раздразливост, понекогаш изливи на бес, гнев, лутина. На соматски план може да се јави главоболка, мускулна напнатост, проблеми со тироидната жлезда, забрзано чукање на срцето, палпитации, висок крвен притисок, дијабет, нервозни црева, нарушен сон.
Колку Македонците се грижат за менталното здравје?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Живееме во време на зголемена свесност за менталното здравје, често се зборува за психичките нарушувања и се повеке се бара стручна помош. Но сепак кај мнозинството се уште преовладува неможност за препознавање на психички потешкотии, негација или релативизација на истите како и срам да се страда психички, чувство на непријатност и страв од етикетирање, осуда и можни последици на сите животни полиња. Стигмата е се уште длабоко вкоренета појава и главна причина луѓето многу доцна да побараат стручна помош кога тоа им е потребно.

Дали помладите генерации се повеќе свесни колку е важна изреката „во здраво тело, здрав дух“ и дали може да им влијаат на повозрасните тие да посветат повеќе внимание на менталното здравје?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Да. Кај младите кои во основа се дигитално пописмени и повешти, се следи повисока стапка на информираност, полесно зборуваат за психичкото страдање и полесно бараат стручна помош. Со своите активности и јавни настапи по социјалните медиуми дејствуваат мотивирачки и охрабрувачки кон останатите и имаат голема улога во процесот на дестигматизација на психичките заболувања, преку споделувања на личните искуства.
Која е најголемата заблуда за психијатрискиот преглед што сè уште ги спречува луѓето да побараат помош?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Според мене тоа е следната заблуда Ако одам на психијатар луѓето ке помислат дека сум луд. На психијатар не одат само луѓе кои се соочуваат со тешко психичко растројство, туку и луѓе на кои им е потребна психолошка поддршка и советување во периоди на различни животни предизвици како болест, хируршка интервенција било да е лична или на некој близок член од семејството, потоа нарушени семејни, партнерски или професионални релации, период на развод, губење на работното место, заминување во пензија, зависност од алкохол, психоактивни супстанци (ПАС), коцка и слично.
Дали стравот од дијагноза, лекови и реакцијата на околината е поголема пречка од самото непрепознавање на проблемот?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Секоја пречка има свое значење и сите се подеднакво важни, бидејки го оддалечуваат човекот од одлуката да побара стручна помош. Најчесто се испреплетени, се надоврзуваат една на друга и ретко се јавуваат како изолиран феномен.
Ако човек научил да живее со својата анксиозност, несоница или постојана напнатост, па веќе ги смета за дел од својот карактер, како може да препознае дека не мора да живее така?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Луѓето кои долго време живеат со психички потешкотии се адаптираат и навикнуваат на нив до толку да ги сметаат истите како дел од нивниот карактер. Но, не секоја состојба со која научиле да живеат е состојба со која треба да продолжат да живеат. Важно е но и воедно многу тешко да се направи разлика помеѓу карактерна особина и состојба што исцрпува. Разликите обично се воочуваат низ чести разговори со пријателите или преку дигитално информирање кога човекот сфаќа дека е поразличен од другите. Доколку често се чувствувате тажни, осамени, потиштени. емоционално преплавени или пак празни, можеби напнати, раздразливи, вознемирени, исплашени, со нарушен сон или апетит … тогаш побарајте стручна консултација.
Во време кога секојдневно сме изложени на вести за војни, кризи, насилство и несреќи, може ли постојаното следење лоши вести да влијае врз менталното здравје дури и кога тие настани не ни се случуваат директно?
Д-Р СИМОНОВСКА ДОДЕВА: Да. Негативните вести предизвикуваат појава на симптоми на анксиозност како вознемиреност, напнатост, раздразливост, страв или пак ги влошуваат веке постоечките симптоми. Луѓето треба да научат да се штитат од секојдневната изложеност на непријатни вести. Ако се тоа тв вести да ги слушаат еднаш во денот, ако се тоа вести од социјални медиуми едноставно да не ги читаат или да престанат да ги следат медиумите кои често споделуваат вознемирувачки содржини.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски

