Skip to main content

Младите да го градат својот професионален и животен пат во сопствената држава

Влада / Христијан Мицкоски: Младите да останат тука, а тие коишто заминаа да се вратат

Веруваме дека напредокот не се гради преку наметнување туку со партнерство. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високото образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи, рече премиерот Христијан Мицкоски.

За премиерот е особено важно што новото законско решение создава услови младите да останат тука.

Да го градат својот професионален и животен пат во сопствената држава. За прв пат, студентите кои со стипендии од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети, како и најдобрите студенти во Македонија – добитници на Инженерски прстен или прогласени за најдобри на своите универзитети – ќе имаат предност при вработување на државните универзитети. Подмладокот е клучот за одржливост и развој. Воведуваме и нов модел на финансирање на високообразовните установи. Дел од средствата ќе бидат насочени кон развој, а дел ќе зависат од резултатите. Повеќе вложен труд ќе значи и повеќе средства. Ќе вложуваме повеќе, но ќе бараме и отчетност. Буџетот за универзитетите годинава изнесува 7,5 милијарди денари – значително повеќе од претходните години. Овој тренд ќе продолжи. Паралелно, ја стимулираме и научната дејност, затоа што во современиот свет напредуваат оние што создаваат знаење, а не само оние што го користат.
Со поддршка за научни трудови, со зголемување на цитираноста и со јакнење на меѓународната видливост, сакаме нашите универзитети повторно да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации, рече тој.

Овој закон не е донесен зад затворени врати. Беше водена широка дебата, ги слушнале универзитетите, експертите, студентите. Ова е заедничко решение. И токму затоа, вели премиерот, верувам дека ќе даде резултати.

На крајот, сакам да им се заблагодарам на сите што дадоа придонес. Академската заедница, универзитетите, професорите, министерката за образование и наука проф. др. Весна Јаневска. Ова не е закон на една Влада, туку закон за иднината на државата. Закон кој треба да донесе квалитет, стабилност и перспектива. Дојде време да престанеме со експерименти и да почнеме со системски решенија. Како генерација мора да сме свесни дека ако продолжиме на овој начин да функционираме ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава. Со импровизирање и со адхок решенија или решенија што се креирани само за една мала група на луѓе не можеме да одиме напред. Или ќе ја работиме работата како што треба или подобро воопшто да не ја работиме и да ставиме клуч и да знаеме дека државата нема иднина, но јас ќе се борам се додека сум претседател на Владата во оваа држава да има многу поголема иднина од оваа којашто некој за жал ја претскажува и за жал одредени опозициски структури коишто сакаат да ја врата во оние темни мрачни времиња исполнети со криминал, корупција, неквалитет и не просперитет. Мора да напредуваме на ранг листите каде што се оценуваат нашите универзитети, значително и на Шангајската ранг листа којашто сакале или не претставува главна репер листа којашто го оценува квалитетот на високото образование. Ако мислиме дека некој сака нечие право да земе, тогаш напротив немаме таква намера затоа е и овој состанок овдека денеска, затоа и се водеа оние дебати коишто ги водеше министерката за образвоание со сите вас, затоа што едноставно сакаме инклузивен процес и процес во којшто на крај ќе имаме заедничко решение, па нека оставиме останатите политички партии коишто не сакаат квалитет нека бидат против ова законски решение. Ние сакаме заедно со вас да генерираме квалитет, рече тој.

Премиерот порача дека ова не е политичко прашање, ова е државно прашање, ова е прашање коешто треба да ја определи иднината на оваа држава.

Младите да останат тука, а тие коишто заминаа да се вратат, затоа што се сеќавам и во едни други времиња, кога нашите универзитети беа конкуренти со универзитетите во регионот и кога исклучок беа младите нашите средношколци да заминуваат во странство, а денеска тоа за жал станува правило. Сведоци сме на саеми на универзитети и држави коишто ни ги земаат младите затоа што младите не препознаваат квалитет тука дома во сопствената татковина, во високото образование. Јас ве замолувам сите заедно да додадеме вредност во овој процес, да образуваме генерации коишто ќе бидат стожерот на иднината на оваа нашата заедничка татковина, посочи Мицкоски.

Поврзани вести