Skip to main content

Јаневска: Владата и академската заедница имаат консензус за законите за високо образование, очекувам ова да се заврши во многу краток период

Влада / Весна Јаневска, министерка за образование и наука

Министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува за краток период да бидат изгласани трите закони за високо обраозвнаие и наука, со оглед на тоа дека веќе Министерството, односно Владата и академската заедница имаат консензус за квалитетот и добробитот на овој закон.

Трите закони за високо образование и наука (за високо образование, за квалитет на високото образование и за научноистражувачка дејност) се во владина процедура. Тие од јануари беа поставени на националниот регистар за прописи (ЕНЕР) и беа организирани дебати на универзитетите по што прифатливите забелешки беа вградени во новите верзии.

Постои процедура за праќање на законот во Собрание. Закон е документ кој го носи владејачката коалиција и по таа процедура ние се деклариравме дека Министерството за образование ќе донесе нов закон. Значи не пратениците, туку Министерството ќе го предложи. Прво тоа се предлага до Влада, таму има една структура која се вика законодавство и која ќе треба го провери законот од правен аспект да нема некоја грешка, бидејќи ова се три огромни закони, претпоставувам дека тоа ќе потрае извесен период, затоа што треба многу внимателно да се читаат, од исклучително значење се. Не дека и ако има некој пропуст нема да може да се поправи, но треба така да се направи. Потоа ќе оди на владина седница каде што законот ќе го дискутираат членовите на Владата и ќе биде ставен претходно, нели, на увид на членовите на Владата. Ако членовите на Владата се согласат дека законот треба да оди во Собрание, по службена должност ќе се прати во Собрание, изјави министеркатата Јаневска.

На прес-конференција во Владата денеска, Јаневска соопшти дека очекува во краток период да заврши владината процедура и нивно проследување во Собранието со оглед дека постои, како што рече, консензус со академската заедница за квалитетот на законите, но дека тие се обемни и исклучителчно важни и затоа внимателно се читаат.

На прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски и со ректорите на седумте јавни универзитети таа ги соопшти предностите на новиот закон за високо образование и посочи дека во неговото креирање се слушнати мислењата на дебатите организирани на сите универзитети и оти се вградени сите конструктивни и аргументирани забелешки.

Една и пол година водиме целосно транспарентен процес. Ова не е одглумена дебата, таква не би траела толку долго. И не е по принципот од 2018 годин, кога закони носеше министерскиот кабинет. Со тој закон катастрофално се оштети високото образование, но и целото општество. Сега е поинаку – се сретнавме со сите, ги слушнавме вработените во јавните и во приватните универзитети, во научните установи и во МАНУ – изјави Јаневска.

Посочи дека се прифатени многубројни конструктивни сугестии и оти критичкиот осврт на академската и научната заедница многу помогнале во подготовка на најдобрите верзии за подобрување на текстот на законот за високо образование, најкомпексниот во пакетот од три закони.

Јаневска нагласи дека во изминатиот период успеале да се справат и со лажни вести и дезинформации од, како што рече, центри на моќ и влијание, како, на пример, дека се нарушува автономијата на универзитетите, дека ќе нема вонредно студирање, дека ќе студираат деца само на богати семејства, дека државата не им плаќа на професорите за објавување научни трудови итн.

Сите оние што работеа на законот и кои го прочитаа знаат дека ова не е вистина – рече Јаневска и порача дека не треба да постои отпор кон законот од политички причини и поради ривалство, туку е потребно единство за повисока цел – напредок на општеството.

На новинарско прашање дали се разговара и со опозицијата и дали од неа се очекува поддршка во Собранието, министерката одговори дека нема впечаток оти опозицијата не го поддржува законот.

Немам впечаток дека опозицијата не го поддржува законот. Секако дека ние веќе воспоставуваме контакти со опозицијата и тие разговори ќе продолжат јавно, како што досега правевме на универзитетите, така и во парламентот. Ќе видиме на крајот како ќе излезе сето тоа, но од овој собир овде може да се види дека има поддршка за законот. Тука не се присутни луѓе од политиката, туку од академката заедница, на кои им е важен просперитетот на оваа земја – рече Јаневска на прес-конференцијата, на која за придобивките од новото законско решение се осврнаа и ректорите на шесте државни универзитети (УКИМ – Скопје, УКЛО – Битола, УГД – Штип, ДУ – Тетово, УАП – Охрид и УМТ – Скопје) и од јавноприватниот УЈИЕ – Тетово.

Како што рече, долго време виското образование трпи големи штети зашто во 2018 е донесен закон уште полош од претходниот, со намалени прагови за напредување во звања, намалена продукција на научни трудови и намален квалитет. Во изминатите години, рече тој, не е спроведена ниедна сериозна евалуцаија, ниту се предложени решенија за напредок на високото образование.

Поврзани вести