Skip to main content

Изложбата „Димитар Кондовски и македонските бајки“ денеска во Кавадарци

Во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци денеска во 13 часот ќе биде отворена ексклузивна изложба на доајенот на македонската ликовна уметност Димитар Кондовски насловена како „Димитар Кондовски и македонските бајки“. Изложбата нè враќа во магичниот свет на македонската усна традиција, оживеан преку маестралните илустрации на Димитар Кондовски.

Изложбата претставува редок увид во 82 илустрации инспирирани од македонските бајки, создадени во периодот кога Кондовски ја гради својата препознатлива визуелна поетика – синтеза на модерна стилизација, византиско наследство, орнамент и симболика. Илустрациите за македонските бајки Кондовски ги изработил за издавачката куќа „Детска радост“. Неговите илустрации се визуелен јазик што го преведува фолклорот во универзум разбирлив за детето, но и длабоко значаен за возрасниот. Преку нив, бајките ги поврзуваат генерациите, традицијата и современоста, меѓу зборот и сликата. Оваа збирка, сочувана како драгоцен дел од нашето културно наследство, сведочи за еден уметнички свет исполнет со симболика, емоција и магија – свет во кој храброста, љубовта и доблеста се основни вредности.

Поврзани вести